Заврши средбата Адеми- средношколци откако тие по една помината ноќ пред МОН беа повикани на повторна средба. Претсавниците на средношколците излегоа видно задоволни од средбата, бидејќи наводно министерот адеми ветил дека нивните барања ќе ги стави на дневен ред на владина седница. Според нив било разговарано за можноста да се врати стариот концепт на матура. Сепак велат дека остануваат пред МОН и дека бојкотот продолжува.
Педесетина средношколци синоќа преспаа во импровизираниот камп, револтирани од игнорантскиот однос на надлежните кон нивните барања за враќање на стариот начин за полагање на државната матура и ставање во мирување на екстерното тестирање.
Барањата на Средношколците конкретно се враќање на стариот модел на матура, без електронско полагање, без 7 испити во 14 дена, и укинување на математиката како задолжителен предмет за секој ученик, за секое подрачје.
Средношколците сметаат дека воведувањето нов задолжителен предмет може да се случи само доколку ученикот е известен навреме, пред да стане средношколец.
Исто така, бараат законот за екстерно тестирање да се стави во мирување, бидејќи, како што велат, е бесцелен и на никој начин не придонесува за повисок квалитет на образование, туку за малтретирање на учениците и ликување на наставниците.
По три марша, четиринеделен бојкот на наставата и протести во десетина градови, претставници на пленумот за првпат беа повикани на средба во МОН вчера напладне, но средбата заврши без договор.
