ОБСЕ: Власта да ја гарантира безбедноста на новинарите

од Vladimir Zorba
136 прегледи
Властите во Скопје треба да овозможат здрава медиумска атмосфера која ќе ја гарантира безбедноста на новинарите поради неодамнешните серија закани и застрашување на медимските работници во земјата, порача Дуња Мијатовиќ, комесар на ОБСЕ за слободата на медиумите. Инцидентите само ја влошуваат веќе загрозената медиумска средина во земјата, каде неодамна се случи апсење и кривична пресуда за новинар, смртни закани, многу случаи на заплашување, стои во соопштението од Мијатовиќ

dunja-mijatovic

 

– Најновите закани за новинари се многу загрижувачки. Медиумите мора да бидат ослободени од закани за да може да се овозможат независни, критички, плуралистички ставови во општеството. Ги повикувам властите итно да ги истражат сите вакви напади – вели Мијатовиќ.

Таа во соопштението потсетува дека неколку новинари изминатава седмица во Скопје и Битола беа вербално нападнати, изложени на закани или спречени да ја вршат својата работа.

– Овие инциденти само ја влошуваат веќе загрозената медиумска средина во земјата, каде неодамна се случи апсење и кривична пресуда за новинар, за нарекување новинари странски агент, смртни закани, многу случаи на заплашување. Овој тренд мора да биде сопрен – вели Мијатовиќ.

Комесарот на ОБСЕ за слободата на медиумите вели дека новинарите мора да се поддржуваат едни со други во професиијата.

– Видливите поделби во медиумската заедница само го влошуваат проблемот. Повеќе од кога и да е претходно, постои потреба за солидарност на новинарите, за почит кон нивната професија и за меѓусебно зајакнување – стои во соопштението од Мијатовиќ.