Полицијата поднесе прекршочна пријава против директорот на ЈП Паркинзи Центар и претседател на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ поради попречувње ма полицајци при вршење на работа.
Богдановиќ тврди дека бил тепан и приведен без причина.
Како што посочуваат од МВР, синоќа околу 21.45 часот по завршувањето на натреварот пред влезот на салата, полициски службеници му рекле на дваесетгодишниот С.С. кој бил заедно со Богдановиќ, да се тргне од влезната врата на салата. Тој одбил и почнал да ги омаловажува полицајците и одбил да се легитимира. Кога полицајците го приведувале пријателот на Богдановиќ,тој ги попречил во вршењето на својата работа.Потоа двајцата биле приведени во полициската станица Центар и по обавувањето на разговорот против двајцата е поднесена прекршочна пријава.
За приведувањето на Богдановиќ реагираа од СДСМ преку соопштение.
“СДСМ наjостро го осудува бруталниот однос на полицијата кон претседателот на СДСМ Центар, Саша Богдановиќ.
Злоупотребата на полиција што ја плаќаат сите граѓани, за пресметки поради лични хирови на власта е одлика само на земји во диктатура.
Порачуваме дека нервозната власт на Никола Груевски ќе мора да се прибере и да се соочи со сопствената одговорност.
Повикуваме да престанат провокациите со коишто на различни начини Груевски сака да ја спаси сопствената кожа, подгревајќи тензии што се спротивни на интересите на граѓаните на Република Македонија” -посочуваат од СДСМ