Народната банка на Република Македонија според најновите макроекономски податоци очекува растот на економијата годинава да биде 4,1 процент, а 4,5 во 2016 година. Според Советот на НБРМ, ризици за ова основно сценарио постојат, и доаѓаат од надвор, но и од внатре поврзани со политичкиот амбиент кој доколку продолжи на долг рок може да има негативен ефект врз ваквото остварување.
– Вообичаено инвеститорите се многу чувствителни на неизвесност. Им треба сигурност, стабилност и извесност и секако пролонгирањето на случувањата на политичката сцена и нивното евентуално ескалирање би имале негативни ефекти. Ова е основно макроекономско сценарио и доколку се случи ескалирање има ризик проекциите од ова сценарио да одат надолу, рече гувернерот на НБРМ Димитар Богов на денешната прес-конференција на која ја презентираше априлската макроекономска проекција.
Тој додаде дека каналите на трансмисија вообичаено се преку инвестициите и потрошувачката. Прво, појасни, инвеститорите стануваат несигурни и се воздржуваат од инвестирање. Ако нема нови инвестиции, тогаш нема создавање нови работни места. Ако нема ново производство, нема пораст на производството. Исто така, потрошувачите во еден неизвесен амбиент можат да ги одложат своите одлуки за купување одредени трајни потрошни добри, а исто така да ги намалат вообичаените трошења на она што е најнеопходно и повеќе да штедат, што секако негативно би влијаело на растот на личната потрошувачка, а со тоа преносно и на оние што ги продаваат и проиведуваат на населението, рече Богов.
Според Советот на НБРМ, последните остварувања укажуваат на задржување на слична макроекономска слика како и во октомвриските проекции со оцени за солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и платно-билансна позиција која обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво. Ризиците за остварување на ова макроекономско сценарио произлегуваат од меѓународното опкружување, пред се од евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и растот во ЕУ, како и од неизвесноста поврзана со домашните политички случувања.
Растот на економијата, според НБРМ, и оваа и во наредната година во најголем дел ќе се должи на релативно силниот позитивен придонес на инвестициите, извозот и во помал дел на растот на личната потрошувачка.
Народната банка предвидува надолна корекција на проекцијата за инфлацијата која очекува да биде 0,5 проценти.
– Направивме надолна ревизија на проектиранта стапка на инфлацијата од еден на 0,5 проценти, рече Богов и додаде дека постепено нормализирање на инфлацијата на околу 2 процента се очекува во 2016 што е во рамки на октомвриската проекција на банката, движено од закрепнувањето на побарувачката и странската ефективна инфлација.
Народната банка очекува да продолжи солидниот кредитен раст, и во 2015 да достигне 9, а догодина 10 проценти. Нефункционалните кредити, како што рече, се на стабилно ниво и изнесуваат 11,6 отсто.
Девизните резерви се очекува и натаму да се одржуваат на адекватно ниво.
Народната банка ја промени и проекцијата за дефицитот на тековната сметка на 1,6 отсто за годинава и на 3,1 отсто за следната година.
Богов потенцира дека во најголем дел ова е резултат на позитивните придонеси на новите капацитети од странските директни инвестиции и ефектот од пониската цена на нафата.
Тој додаде дека во последните пет години имаме дефицит од 2 отсто што е исклучително ниско.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со извештајот на Европската комисија, рече дека проекциите за економскиот раст се слични, а од аспект на трошењата, посочи дека се важни движењата во платниот биланс.
– Во платниот биланс од податоците што ги презентиравме немаме никакви притисоци. Дефицитот е помалку од 2 процента од БДП што укажува дека нема притисоци кои би го зголемувале. Вообичаено кога има прегревање во домашната потрошувачка расте дефицитот на платниот биланс, но ние во последните пет годеини немаме таква ситуација и не очекуваме во наредните две години, истакна гувернерот на НБРМ Димитар Богов./МИА
