Денеска полицијата информираше дека околу 05,00 часот пријавено е дека на бул.„Асном“од засега непознати причини опожарено е ПМВ „Ренџ Ровер“ со скопски регистерски ознаки сопственост на Б.Т. (62). Од опожарувањето било зафатено и уште едно ПМВ „Опел Астра“ со скопски регистерски ознаки. Од страна на СВР-Скопје се врши увид на местото на настанот и се работи на целосно расчистување на случајот.
Подоцна на својот ФБ профил новинарот Бранко Тричковски информираше дека нему му бил запален џипот. Тој смета дека тој бил жртва на власта. Интегрално ви го пренесуваме неговиот ФБ статус.
“Ордите на Груевски ми го убија џипот!
Ордите на Никола Груевски на повлекување убиваат невини луѓе, разоруваат куќи, уништуваат фамилии, бизниси, се!
Јас сум мала жртва во тоа оргијање на најневеројатната лудост што е забележана во еволуцијата на хомо сапиенсот: сношти ми го запалија џипот, еден убав спомен од времето кога водев успешен приватен бизнис во новинарството пред тие да дојдат да ми го уништат. Прво бизнисот па, еве, сега и споменот!
Од три часот почнаа да ми тропаат на врата, да ми ѕвонат телефоните!
Мислев дека се дојдени по мене, зашто во меѓувреме, добив илјадници закани во една оркестрирана и диригирана кампања од луѓето што се во служба на Големиот идиот со апели да се најде полицаец кој би ја извршил пресудата!
Синоќа се задоволиле со џипот, убав “ренџ ровер” римини боја, 2,7 литри 190 кс 2007 година!
И со крајната вознемиреност на мојата сопруга.
И на соседите.
Ноќта на оставките решиле да си ја ублажат со пламенот на мојот џип и со тревога во моето семејство!
Но, тоа е, почитувани пријатели. Цената на битката мора да се плати. Јас не ја сметам мојата жртва вредна за внимание од аспект на материјалната и финансиската штета. Што е еден џип спрема куќите на луѓето во Куманово! Да не зборуваме за човечките животи кои паднаа не на олтарот на Македонија, како што тврдат лудаците што запалија еден прекрасен автомобил, туку на бездушието на Големиот идиот што имавме несреќа да не води во оваа невидена пропаст!
Чувајте се драги пријатели, но не сопирајте ниту за секунда во битката за слобода, нормалност и модерност, не отстапувајте ниту еден милиметар од патот на кој ќе ги стигнеме и ќе ги изринеме!
Се гледаме повторно на улиците и на плоштадите и насекаде каде што треба да бидеме за да бидеме луѓе”
