Комисијата за проценка на штетите на имотите на граѓаните во кумановската населба Диво Насеље за време на престрелките на 9 и 10 мај, од првичниот увид на лице место конастатираше дека се оштетени 66 куќи и раселени меѓу 121 и 128 семејства.
Комисијата работи на теренот, ја прави проценката на објектите, а потоа ќе следи и проценката на вредноста на направената штета.
Откако комисијата ќе ја заврши својата работа, ќе почне расчистување на теренот, дератизација и дезинфекција по што ќе следат другите активности. За расчистување на теренот се задолжени јавните комунални претпријатија на Куманово и Скопје.
Оштетените семејства веќе добиле пакети со храна и хигиенски материјал, а деновиве, според најавите, треба да им бидат исплатени по 100.000 денари од Владата. На семејствата чии домови се оштетени и во нив нема услови за живеење, Владата одлучи да им се обезбеди привремено сместување или додека трае санацијата да добиваат надоместок за кирија.
