Некои земји членки во Брисел, ако политичката ситуација не се подобри, ќе сакаат да ѝ ја одземат на Македонија препораката за почеток на преговори за членство во ЕУ, вели австрискиот амбасадор во Македонија, Томас Михаел Бајер, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Г-дине Бајер, како гледате на последните случувања во Македонија по судирите во Kуманово?
Пред сè сакам да изразам загриженост и да искажам сочувство за луѓето коишто загинаа при овој инцидент. Мислам дека начинот на кој се соочија со последиците покренува позитивни чувства, особено состанокот на Советот за безбедност, на кој за прв пат по многу време на иста маса седнаа политичките опоненти кои одбраа, во ситуација кога е навистина опасно, да покажат дека политичките сили се сплотени. Ние го поздравуваме тоа и се надеваме дека сè додека оваа политичка ситуација на отсуство на опозицијата од парламентот трае, овие седници може да се искористат за решавање и на други проблеми со кои се соочени сега.
Како ја оценувате безбедносната ситуација во земјава по протестите кои добија насилен тек и по кумановските жестоки судири?
Мислам дека треба да ги одвоиме двата настани. Секаде има протести, имавме протест во Австрија што беше понасилен од овој тука и ова е прашање на одговорност на владата да се справи со нив на начин на кој ќе овозможи право на движењето и слобода на изразување, а од друга страна да се погрижи за безбедноста. Мислам дека досега ова генерално беше спроведено на одговорен начин. Се разбира никогаш не се знае кога работите ќе тргнат на лошо, но мислам дека на тој начин беше постапено. Другата ситуација во Куманово се разбира е многу сериозна и ние имаме недостиг од многу информации, па единствено што може да направиме е да го дигнеме нивото на предупредување за време на случувањата, не знаеме што може да се случи. Имаме индикации дека и други инциденти може да се случат и ние треба да бидеме претпазливи и да им кажеме на австриските граѓани, за кои сме одговорни, да бидат внимателни и да ги почитуваат нашите инструкции.