Најмногу две половни возила од увоз може да продадат годишно физичките лица регистрирани за оваа дејност. Притоа е неопходно да имаат автоплац, како посебно продажно место, кој исполнува минимум технички услови пропишани со закон.
Ова го предвидуваат најновите измени на Законот за трговија кој денеска го помина првото читање пред собраниската Комисија за економски прашања.
– Станува збор за регулирање на увозот на половни автомобили, односно на дејноста за продажба на користени возила кои се увезуваат во Македонија. Со измените ќе се лимитира бројот на увезени возила до две и точно ќе се дефинираат минималните технички услови кои мора да ги исполнуваат автоплацевите, истакна заменик-министерот за економија Христијан Делев, образложувајќи го текстот.
Со ова, додаде, ќе се заштитат и потрошувачите бидејќи е планирано да има одговорни лица кои ќе вршат продажба и кај кои ќе можат да се пријавуваат одредени нерегуларности.
– Досега се јавуваа физички лица кои стануваа дилери на половни возила без да бидат регистрирани за таквата дејност. Никој не одговараше за евентуалните дефекти или неправилности при склучувањето на договорот или за квалитетот на возилото кое се продаваше, нагласи претседателот на Комисијата Владанка Авировиќ.
Измените ги поздрави и пратеникот Зоран Илиоски констатирајќи дека со ова Македонија го следи трендот на развиените земји./МИА
