Ричард Ховит, кој е еден од тројцата европратеници што го олеснуваат преговарачкиот процес меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, пред вечерашните средби во Стразбур изјави дека на идејата за преодна влада гледа со отворен ум и дека не ја отфрла како опција.
Прашан од известувачот на ТВ Алсат-М од Стразбур „дали идеите за т.н. преодни аранжмани ги гледа како начин за напредок“, Ховит вели:
„Имам отворен ум и таа варијанта не ја исклучувам. Тоа е предлогот на една од страните и спротивставена од другата страна. Така што, ако сега јас јавно кажам дали со сè се согласувам или не, би им наштетил на медијацијата и на процесот. Секако дека во процесот ги истражуваме сите идеи и на нив гледам со отворен ум. Искрено, важно е тоа што се обидуваме успешно да го искористиме нашето влијание, но би било многу погрешно ако јавно зборувам за содржината на тие разговори, зашто тоа би ја ограничило слободата на засегнатите страни да вееруват дека можат да зборуваат и разгледуваат идеи со нас во рамките на преговорите.“
Инаку, Алсат-М од Стразбур јавува дека од 17:15 часот започнаа серијата средби на Никола Груевски и Зоран Заев со европратениците Ховит-Кукан-Вајгл и со еврокомесарот Јоханес Хан, кои треба вечерва да кулминираат со заедничка средба во широк состав.
