Се продлабочуваат разликите во ДУИ околу тоа дали партијата треба и понатаму да биде дел од владата на Никола Груевски. По тешките обвинувања на социјалните мрежи, Ермира Мехмети за Алсат М рече дека повеќе нема да ја поддржува владата и коалицијата со ВМРО – ДПМНЕ. Таа обвини дека владата ги злоупотребува институциите против Албанците.
„Оваа влада го нема мојот глас од моментот кога со мамење се обидоа да ни го наметнат предлог – измената на грбот. Тоа беше врв на политичка ароганција. ДУИ е синоним на надежта, борбата за права и достоинство на Албанците. Оваа влада подолго време е синоним на неуспех, нееднаквост и користење на институциите против Албанците. Време е да се вратиме на основните принципи, да го заживееме Охридскиот Договор. Ова го попречува само еден човек. Сега е време да се повлече“, вели Мехмети за Алсат М.
Претходно таа на својот Фејсбук профил напиша дека ДУИ сега има повеќе причини да излезе од владата.
„Еден ден против Русија, друг ден провлада, како што велат Косовците, ова не држи. И со Западот и со режимот, и ова не држи. Причините за излез од владата се многу посилни од причните за останување во неа“, напиша Мехмети.
Реакцијата на Ермира Мехмети следува еден ден откако нејзиниот колега од ДУИ, Артан Груби, исто така на Фејсбук, напиша за руското влијание на Балканот, конкретно во Македонија. Прашан дали се препознава себе си во последниот статус на Мехмети, Груби одговори:
„Личните ставови воопшто не сакам да ги коментирам и тие не се во доменот на мој посебен интерес, а уште помалку ме загрижуваат. Мојот приоритет е одблизу да го следам сериозниот развој на настаните и да се обидам, колку што можам, да придонесам во решавањето согласно заложбите на ДУИ и за доброто на Албанците и на мојата земја, а не уште повеќе да ја влошувам состојбата“, рече Груби за Алсат М.
Препукувањата на социјалните мрежи меѓу Груби и Мехмети се се почести. Ермира Мехмети која моментално се наоѓа во Вашингтон, рече дека дипломатите и познавачите на случувањата на Балканот, и сугерирале на ДУИ да ја напушти коалицијата со Груевски. Потоа Груби на ова одговори дека ниту еден официјален претставник од Вашингтон, ниту од Брисел, не побарал од ДУИ да се повлече од владата, спомнувајќи неколку имиња на меѓународни дипломати. Мехмети му одговори дека не е етички имињата на дипломатите да се спомнуваат на таков начин на социјалните мрежи.
Останатите пратеници на ДУИ велат дека за тоа дали треба да се напушти владата или не, треба да одлучат највисоките партиски органи.
