Политичката криза во Македонија ги подгреа и стравувањата и шпекулацииите дека овој критичен период ќе биде искористен политичките и бизнис елити да ги извлечат парите од земјата и да ги преселат на други дестинации, пренесува Дојче Веле.
Шпекулациите во голема мера ги подгреа информацијата дека владиниот авион пред неколку дена поради одредени проблеми принудно слета во Цирих, што беше доволно случајот на голем дел од јавноста да ѝ „замириса“ не на технички проблеми, туку на „швјацарски сметки“. Вчерашното соопштение на владината Служба за општи и заедничики работи (СОЗР) за тоа каква се контрола, проверка и тестирања биле направени на владиниот „лирџет 60“, не ги намали растечките шпекулации.
Ги прашавме експертите дали Македонија има систем кој би алармирал доколку се случи тренд на помасовен одлив на пари од земјата? Нивните одговори се далеку од оптимистички.
„Во Република Македонија не постои ефикасен систем за следење на финансиските трансакции на ‘политички експонирани лица’, како ни ефикасен систем за размена на информации за перење на пари“, вели д-р Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешнел – Македонија (ТИ-М). Таа објаснува дека меѓународната регулатива против перење пари го дефинира поимот „политички експонирани лица“, како лица кои имаат важна јавна позиција и компаниите поврзани со нив.
(…)
Парите се веќе надвор!
Истражувањето на организацијата „Глобал фајненшл интегрити“ од Вашингтон покажа дека Македонија е на 79-то место на листата држави според илегалното изнесување пари, со годишен просек од 521 милион долари изнесени илегални пари. Во периодот меѓу 2003 и 2012 година, најмногу нелегални пари од Македонија биле изнесени во 2011 година – 852 милиони долари. Од државите во регионот, пред Македонија е Бугарија со просек од над 2,5 милијарди долари, Хрватска е на 49-то место со 1,4 милијарда долари, а Албанија е на 115-то место со 128 милиони долари во просек. Во периодот меѓу 2002 и 2011 од БиХ биле извлечени „само“ 142 милиони долари, од Србија дури 50 милијарди долари, од Хрватска 15 милијарди долари, од Црна Гора повеќе од 4 милијарди долари, а од Македонија околу 5,4 милијарди.
Поранешниот гувернер на Народната Банка на Македонија, Петар Гошев, вели дека секоја политичко безбедносна криза дејствува контракциски на економската активност.
„Таа првенствено започнува да се манифестира преку финансиските текови. Тоа го знаат сите, и образовани и необразовани луѓе, и богати и сиромашни. Но, во категоријата ‘сите’ има поткатегорија ‘одговорни’ и ‘неодговорни’, во смисла дека вториве не учествуваат во создавањето на кризата, но главно ги трпат последиците од неа. ‘Одговорните’ за кризата се разликуваат од другите по две својства – тие се и најбогати и најдобро информирани. ‘Одговорните’ за кризата стравуваат пред се за своите големи пари, најчесто нелегално стекнатати, како и за својата слобода во земјата во која ја создале кризата. ‘Неодговорните’ за кризата, пак, стравуваат за своите мали штедни влогови, за својот мал имот, за својата материјална егзистенција. ‘Одговорните’, како најдобро информирани за тоа во кој правец може да се развива кризата, (зашто дел од нив управува со неа), како и свесни за тоа на кој начин се збогатиле, навреме го ‘згрижиле’ најголемиот дел од парите во дестинации создадени и заштитени од светските богаташи. Македонија слушна, на пример, од каде на премиерот наводно треба да му стигнат пари за да купи милионски вредна парцела на „Водно“. Така што, ако е прашањето дали парите на богатите ќе ‘избегаат’ надвор од Македонија, па тоа ќе се одрази на економскиот раст на земјата, не треба да се ‘грижиме. Тоа е ‘навреме’ направено“, вели Гошев.
Тој потенцира и дека ако еден дел од парите на ‘одговорните’ се уште се во Македонија, сметајќи ги за легално стекнати, нема законски пречки и нив да ги изнесат надвор.
Извор: Дојче Веле
