Во Србија одбележана годишнина од масакрот во Тузла

од desk3
87 прегледи

 

Активисти за човекови права од Белград, по улиците во четири градови во Србија, собираа пораки на обични граѓани, со што ја одбележаа 20-годишнината од убиствата на 71 лице, што ги извршија силите на босанските Срби во Тузла-пишува Ивана Николиќ БИРН Белград

Младинската иницијатива за човекови права од Белград, МИЧП, во понеделник, на годишнината од убиствата извршени на 25 мај 1995 година, ќе му ја предаде книгата на жалоста, во која обичните луѓе од Србија напишаа над 500 пораки, на градоначалникот на Тузла и семејствата на жртвите.

Директорката на МИЧП, Анита Митиќ, изјави дека нивната цел е да им се оддаде почит на жртвите од гранатирањето на центарот на градот Тузла, од страна на војската на Република Српска, ВРС, и да се подигне свеста за она што се случило.

„Постојат злосторства извршени во Босна и Херцеговина за кои никој не зборува. Важно е да се преземе одговорноста за она што се случило и да се подигне свеста за тоа, тука во Белград“, изјави за БИРН Митиќ.

Активистите, неколку дена ги собираа потписите, во градовите Белград, Нови Сад, Нови Пазар и Ниш.

Митиќ вели дека многу луѓе не знаеле ништо за злосторството.

„Многу луѓе ги мешаат случаите „Тузланска колона“ [кога во Тузла во 1992 година беше нападната Југословенската народна армија] и „Тузланска капија“, рече таа.

Митиќ вели дека нападот бил особено трагичен, бидејќи загинале многу млади луѓе, на некогашниот Ден на младоста во Југославија.

„Во 21.00 часот, бил гранатиран центарот на градот, а просечната возраст на убиените луѓе била 23 години“, изјави таа.
Инаку, поранешниот генерал на ВРС, кој го наредил смртоносниот напад, Новак Ѓукиќ, е осуден на 20 години затвор, но тој не почна да ја издржува својата казна, бидејќи повеќе од една година се наоѓа во Србија.

Во октомври 2014 година, властите во Сараево издадоа меѓународна потерница по него, но Ѓукиќ не може да биде екстрадиран во Босна и Херцеговина, бидејќи тој има српско државјанство. Двете земји немаат меѓусебна спогодба за екстрадиција.

Сепак, тој би можел да биде затворен во Србија, која во 2010 година потпиша договор со Босна и Херцеговина, што им овозможува на Сараево и Белград да преземаат извршување на казни една од друга.

Српското Министерство за правда, за БИРН изјави дека Босна и Херцеговина побарала меѓународна правна помош во 2008 година, додека уште траело судењето на Ѓукиќ, но од тогаш, соопшти министерството, немале никаква комуникација во врска со овој случај.

„Сè додека тие [босанските власти] не ни испратат барање [за спроведување на казната на Ѓукиќ], ние како Министерство за правда и како држава, немаме обврска да направиме нешто“, велат во министерството.

Адвокатот на Ѓукиќ, Милорад Ивошевиќ, одби да одговори на прашањата на БИРН за развојот на случајот, образложувајќи дека тимот на одбраната ќе издаде соопштение по годишнината од масакрот.
Инаку, акцијата на МИЧП, предизвика и позитивни и негативни реакции. Во Белград, група од неколку мажи се обидоа да ја ја искинат книгата на жалоста, но беше спречена од полицијата.

Митиќ вели дека, сепак, некои луѓе сакале да изразат жалење заради масакрот.

„Една добра работа ни се случи во Ниш. Имено, таму луѓето чекаа во ред, за да се запишат во книгата“, рече таа. Додаде дека во Нови Пазар, цело одделение на едно средно училиште дошло да се потпише.

Граѓаните имаа можност, да слушнат животни приказни за четири лица што загинале во нападот, снимени на MP3 плеери.

Седумнаесетгодишната Јана од Белград, која ги слушаше приказните на жртвите од Тузла, ни рече дека никогаш претходно не слушнала за ова злосторство.

„Разочарана сум што тоа гранатирање, во еден момент, уништило толку многу млади луѓе, нивните животи, нивната младост и нивните соништа“, изјави Јана за БИРН.

29-годишниот Милан од Белград, кој напиша порака во книгата на жалоста, ни рече дека знаел за ова злосторство.

„Напишав дека жалам за она што се случило. Не сум сигурен дека и еден отсто од младите луѓе [во Србија] знаат нешто за ова злосторство, а тоа е срамота“, изјави тој за БИРН.

Извор: БИРН Белград