Neue zürcher zeitung за Македонија: Бунт против една фамилија гладна за моќ

од desk3
103 прегледи

„Никола Груевски длабоко го подели македонското општество. За едни тој е полубог, за други – демонски диктатор. Во Македонија со недели се дуе скандал со прислушување, противниците на владата го обвинуваат Груевски за изборна измама и корупција. Меѓутоа, неизвесно е дали ќе можат да го истераат од власт“, пишува во анализата за состојбите во Македонија весникот „Ноје цирхер цајтунг“.

download

Во текстот со наслов „Бунт против една фамилија гладна за моќ“, авторот Андреас Ернст, меѓу другото, дава неколку податоци од биографијата на македонскиот премиер Груевски и оценува:

„Груевски ја промени Македонија. За време на полетот од изминатите години, кој се потпираше врз надежта на општеството за подобар живот во ЕУ, тој спроведуваше реформи во економијата и државата. Меѓутоа, притоа македонскиот премиер никогаш не делуваше харизматично или одушевувачки. Груевски долго време беше потценуван од страна на партиските пријатели и противниците. Потоа во 2008 година доаѓа до пресврт. Одредена улога во тоа можеби играше економската криза, но клучно беше одбивањето на НАТО да ја прими Македонија за членка во сојузот… Груевски подоцна во едно интервју рече дека тоа било шок.

Со оглед на се‘ поголемата изолација и конфронтацијата со одбивањето од страна на ЕУ за прием на други земји од Балканот во догледно време, ветрот во Македонија го смени правецот.

Груевски создаваше се‘ поавторитарен систем, скроен по негова мерка. Тој ја скрати слободата на медиумите, има влијание врз правосудството. Се‘ погломазниот систем на државна управа денес функционира како клиентелски систем кој ги храни верните приврзаници. Стотици милиони евра се потрошени за центарот на Скопје со помош на споменици и залепени фасади да се претвори во националистички парк.
Груевски е внимателен човек. Тој им верува само на малкумина. Откако е на власт опкружен е со мал број луѓе од доверба, кој некои го нарекуваат ’фамилија’… Мијалков мораше да поднесе оставка пред две недели, по полициската акција протов тешко вооружена банда етнички Албанци во Куманово, во која загинаа осуммина полицајци и беа уништени многу објекти. Од својата функција мораше да се откаже и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која исто така припаѓа на тесниот круг луѓе околу Груевски. Но само неколку денови потоа таа зрачеше на страната на премиерот на собирот на приврзаниците на владата. А, кога Груевски на покана на ЕУ-парламентарци отпатува во Стазбур на преговори со лидерот на опозицијата, во негова придружба беше Сашо Мијалков. Официјално како партиски кадар на ВМРО, но всушност како братучед“, пишува весникот „Ноје цирхер цајтунг

Извор: Дојче Веле