Недела по недела ни раскажуваат, дека е созреан одлучувачкиот момент за Грција. Но така и ништо не се случува. Само што сега премиерот Ципрас навистина е во тесно: јуни може да е последниот месец на Грците во еврозоната.Коментар од Бернд Ригерт:

Ако владата во Атина не се раздвижи, јуни може да е последниот месец на Грција во еврозоната. Повторно се поставува рок на доспевање на плаќања кон ММФ – и повторно ја слушаме познататата какофонија од гласови: додека едните ветуваат банкрот, другите зборуваат за претстоен пробив во преговорите со доверителите. Во една таква ситуација тешко некој може да сфати каква точно е состојбата на грчките финансии. Радикалното влада во Атина исто така не е свесна што се случува.
Наместо да се отворат преговорите со т.н. Бриселска група и да даде разумни и ефикасни предлози, грчкиот премиер Ципрас преферира да ги бара виновниците во странство. Тој посочува некоја неолиберална банда од заговорници во ЕУ, која ја “тушира” Грција со апсурдни барања, за да ја казнат за поука на останатите. Апсурдни сепак се само идеолошки бојадисаните тврдења, оние кои Ципрас ги развива пред францускиот весник “Монд”. Таму тој се жали од злото на Европејците и ММФ, кои биле виновни за сè.
Колку чини зборот на Грција?
Ќе потсетиме дека на 20 февруари Грција вети дека за неколку дена ќе достави листа на реформи – тоа беше условот за доделување на нови грантови во април. Списокот и до денес го нема. Наместо тоа грчката влада изброи само неколку административни мерки за реформа на даночната политика плус една промена на ДДВ. Овие предлози имаат за цел да се подобри наплатата на даноците, што несомнено е потребно, но воопшто не е доволно за да се стабилизира државниот буџет и да се оживее грчката економија.
Несреќниот министер за финансии Варуфакис трошел премногу драгоцено време во обид да се самоистакне. Сега сепак времето истекува, бидејќи на 30 јуни истекува рокот за издавање на нова финансиска помош за Грција. Најдоцна до средината на јуни треба да се постигне договор со доверителите на земјата – во спротивно исплатата на средствата нема да биде можна, барем од чисто технички причини. Потребно е исто така одобрение на министрите за финансии од Еврогрупата, како и на неколку од парламентите во земјите-членки. А грчкиот парламент треба барем да се примени неколку закони за реформи, што сепак не е многу реален поглед на битките за превласт помеѓу различните крила во леворадикалната “Сириза”.
5 до 12 е!
Кажано накратко: за Грција веќе е 5 до 12 . Но што прави во оваа критична ситуација премиерот Алексис Ципрас? Наместо да се придржува кон јасните правила за акција во еврогрупата, тој се жали по телефон – речиси секојдневно се јавува на германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Оланд, за да им каже дека сака да се постигне “политичка одлука” на највисоко ниво . И тоа независно, што на европските самити постојано му објаснуваа дека во ЕУ нема недостаток на политичка волја за напуштање на Грција во еврозоната. Она што недостасува, се искрени уверувања од страна на Атина дека ќе ги исполни условите за нови кредити.
Да, точно е дека за начинот на кој ќе протече понатамошното заздравување на Грција, треба да се водат преговори, вклучувајќи на највисоко политичко ниво. Само што пред тоа – и г-дин Ципрас треба да е свесен за овој факт и потребно е да биде решена акутната финансиска криза во Грција, која би можела да ја исфрли земјата од еврозоната во рамките на само неколку недели. Значи: Ципрас може да разговара колку си сака со Меркел, Оланд и Јункер, само што одлуките се донесуваат во еврогрупата, од сите 19 земји-членки – и тоа едногласно.
Четири катастрофални месеци
Вината за зголемување на кризата во Грција е во голема мера на сегашната влада во Атина, која очигледно не е во можност да преземе нешто значајно. По промената на власта во февруари грчката економија повторно западна во рецесија, од која токму беше успеала да побегне. Мачно постигнатиот буџетски суфицит се претвори во дефицит, довербата на инвеститорите целосно се уништува, резервациите на туристи од странство се намалуваат.
За да може да исплаќа пензии и плати, Владата ги собра и последните расположливи средства, со кои располагаа универзитетите, болниците и системот за социјално осигурување. Дури една резервна сметка на ММФ беше користена за таа намена. ЕЦБ ги спасува грчките банки, а во исто време Грците масовно ги повлекуваат парите, за да ги складираат некаде во странство или само под душек. И на сите им е јасно дека така повеќе не може да продолжи.
Во моментов Грција има акутна потреба од храбри одлуки на својата влада. И ако сегашниот кабинет не е во можност да ја заврши оваа работа, нека отстапи местото на друг, способен тим. Досегашната политика на “Сириза” беше целосен неуспех. И дури Грција да остане во еврозоната и по овој критичен јуни, целосно нејасно е што ќе следи натаму. Довербата на Европејците и на меѓународните инвеститори е трајно оштетена. Кој тогаш ќе преговара од јули натаму за итно потребниот трет пакет помош за Грција? И кој ќе сака да го финансира? Крајно време е Ципрас да преземе конкретни активности, наместо само да зборува празни приказни. Ако ли, пак, не е во состојба – нека го расчисти патот за предвремени избори.