Заев: Клучно за договор во Брисел е да се договори профилот на Владата што ќе ги организира изборите

од Vladimir Zorba
124 прегледи

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Република Полска во Република Македонија, Јацек Мултановски.

667788989-540x294

Тема на средбата беше рамката за преговори утврдена на вчерашната средба на политичките субјекти со еврокомесарот за проширување во Скопје, Јоханес Хан.

-Документот содржи добра стартна основа што сега треба да ја испочитуваат сите потписници на документот. Во документот е прецизно наведена обврската за Влада што треба да ги организира следните избори. Клучно, дали ќе биде постигнат договор на 10-ти јуни во Брисел е да се договори профилот на таа Влада. Ставот на опозицијата е познат за јавноста, дека е прифатлив секој формат и состав на Влада во којашто нема да бидат Груевски и креаторите на кризата во Македонија. Доколку тоа не се постигне, СДСМ ќе одбие отпочнување преговори и ќе продолжи со утврденото вонинституционално дејствување, изјави Заев.

На средбата посебно стана збор и за механизмите за имплементација на поглавјата 23 и 24 од Скрининг процесот, за што се обврзаа вчера потписниците, а коишто треба да обезбедат независен правосуден систем и ослободување на медиумите од контролата на актуелната власт.

Заеднички е констатирано дека Македонија се наоѓа во најдлабоката политичка криза од независна Македонија и дека е исправена пред сериозни предизвици за враќање на демократските процеси.

– Европската Унија и меѓународната заедница се исто така пред предизвикот на практично ниво да ги потврдат заложбите за европските вредности што се бараат од земјите кандидатки и членки на ЕУ и НАТО, преку поддршка на принципиелни процеси какви што се потребни за специфичната ситуација во Македонија, рече претседателот на СДСМ, Заев, на денешниот состанок со амбасадорот на Полска, Мултановски.