
Али Ахмети, според извори блиски на лидерот на ДУИ, по случувањата во кумановската Дива Населба добивал лични закани од блиски на загинатите Косовари, пред се од Ндрецај, алијас командант Нато и Али Бег.
Заканите и Ахмети и сопартијците ги сфатиле крајно сериозно и го подигнале нивото на неговата безбедност до максимум.
Наводно, побарале и добиле, покрај партиските телохранители и заштита од македонското МВР.
Според изворите на Либертас, блиските на загинатите криминалци од Косово – поранешни припадници на УЧК, за дел од кои Ахмети јавно кажа дека ги познавал, барале од него одговор зошто биле убиени Ндрецај и Али бег, кои, наводно, по преговори со него се предале на македонската полиција.
Според изворот, тие не верувале во јавното објаснување на Ахмети дека побарал помош од ОБСЕ за Кумановските случувања и можност косоварите да се предадат, но не и да бидат убиени.
– На Ахмети не му е лесно, кумановскиот случај буквално го извади од колосек, свесен е за неговата небезбедност, а убеден е дека имал најдобри намери да помогне да има што помалку жртви – тврди изворот.
– Тој претпоставува дека во целиот случај има валкана игра, но засега молчи – тврдат изворите на Либертас.
За случувањата во Куманово оставки поднесоа министерката Јанкуловска и првиот човек на УБК, братучедот на премиерот, Сашо Мијалков. Се шпекулира дека оставките на двајцата им биле изнудени од влијателна амбасада во која биле повикани и им биле предочени детали од Кумановскиот случај, во кој им била наводно посочена вистината за ова, кое во јавноста е прикажано поинаку.
И таткото на загинатиот полицаец, Албанец во изјава за телевизијата Ал-Џезеира пред некој ден изјави дека жртвите во Куманово од двете страни се дел од валкана игра и јавно кажа дека ќе се бори да се открие вистината, искажувајќи отворен сомнеж во официјалната верзија за трагедијата во Дивата населба во Куманово.
Извор: Либертас