Вчера се одржа заеднички консултативен состанок меѓу раководството на СДСМ и повеќе од 80-те граѓански организации кои ја сочинуваат натпартиската коалиција „Граѓаните за Македонија“.
На состанокот се размениле мислења за понатамошните активности и за заедничкото делување во интерес на враќање на достоинството на граѓаните на Македонија и во интерес на одбрана на Уставот на Републиката.
Од разговорите произлегле следните предлози и сугестии:
– Продолжувањето на разговорите под покровителство на Европската Унија може да се разгледува и поддржи уште многу кратко време;
– Веднаш започнува подготовка на идни чекори кои ќе ги преземеме и коишто ќе бидат порадикални од моменталната форма претставена преку Кампот на слободата, а ќе стартуваат веднаш после краткиот период даден како можност за продолжување на разговорите;
– Продолжува проектот „Вистината за Македонија“ со објавување нови докази и аргументи;
– Барањата на коалицијата „Граѓаните за Македонија“ остануваат непроменети, а тоа е оставка од Никола Груевски, формирање преодна влада која ќе обезбеди пречистување на избирачкиот список, ослободување на јавниот сервис МРТ од контрола на власта, избор на независен Јавен обвинител, како и организирање целосно слободни и демократски избори, кои ќе ја одразат реалната политичка волја на граѓаните на Македонија.
Коалицијата „Граѓаните за Македонија“ дава силна поддршка на Претседателот на СДСМ, Зоран Заев и на принципиелните позиции и ставови со коишто настапува во разговорите под покровителство на ЕУ, барајќи начин за излез од длабоката политичка криза во која што се наоѓа Република Македонија.
