Нема да има договор меѓу Грција и доверителите, ако долгот на земјата не биде ослободен, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас за време на седница на парламентарната група на СИРИЗА. Најголемата опозициска партија “Нова демократија” ги обвини владејачките дека немаат за цел постигнување на договор, туку имаат за цел излегување на Грција од еврозоната.
Ципрас стави уште два услови за постигнување на компромис – пензионерите и вработените да не бидат дополнително натоварени и обврзувачките услови на евентуален договор да бидат насочени само кон решавање на проблемот со финансирањето на Атина.
Ципрас изјави дека европските кредитори селективно ги земаат предвид препораките на Меѓународниот монетарен фонд. Од една страна тие бараат фискалните мерки, за кои инсистира Фондот, но од друга го игнорираат неговиот предлог за намалување на долгот.
Во меѓувреме грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на 19 јуни во Санкт Петербург, соопшти помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, цитиран од РИА Новости. Двајцата ќе ја разгледаат финансиската ситуација и “Турски поток”.
Политичкиот договор меѓу Русија и Грција за поддршка на гасоводот како продолжение на „Турски тек“ е подготвен за потпишување, соопшти министерот за индустриски реформи, животна средина и енергетика на Грција Панајотис Лафазанис, пренесува РИА „Новости“.
„Грчката делегација патува за Санкт Петербург или Ленинград – како сакате – на економскиот форум.
Ние имаме намера да ги развиваме нашите добри релации и ќе имаме можност… да потпишеме политички договор Русија-Грција за поддршка на гасоводот со руски гас на грчка територија“, изјави Лафазанис, пренесува РИА „Новости“.
На прашањето дали нешто ќе му пречи на патувањето во врска со сложената ситуација околу преговорите на премиерот на Грција Алексис Ципрас за регулирање на грчкиот долг, министерот одговори: „Не, тој ќе патува. Ќе патува наша владина делегација на чело со премиерот Ципрас“.
