Извештајот на експертскиот тим на ЕК ја посочува потребата од итни реформи, а за тие да започнат неопходен е компромис. Во тек е дипломатска офанзива со цел до крајот на неделата да се договори лидерска средбаp пишува DW
Експертскиот тим ангажиран од Европската Комисија, кој неколку недели во Македонија ги скенирал состојбите во сите проблематични области, ја заврши својата работа. Во тимот беа поранешниот директор на Директоратот за Западен Балкан, Рајнхард Прибе, поранешен државен обвинител на Ирска, поранешен шеф на одделот за борба против мафијата на Италија и други експерти. Извештајот што тие го подготвија, вчера еврокомесарот Јоханес Хан му го предаде на вицепремиерот Фатмир Бесими на средба во Брисел, со порака македонските партии да најдат траен политички компромис врз база на договорот потпишан во Скопје на 2 јуни.
Станува збор за документ што ги детектира проблемите во повеќе области – судството, службите за безбедност, состојбата во медиумите, изборните девијации, но и насоки за реформите што се неопходни во тие сфери.
„Комесарот го повтори својот повик до сите партии, во интерес на својата земја и нејзините граѓани, да најдат траен политички компромис, изграден на договорот што веќе го постигнаа на 2. јуни. Тие, исто така, разговараа и за приоритетите на итна реформа на земјата, што Комисијата ќе ги следи внимателно во наредните месеци“, соопшти кабинетот на Хан по средбата со Бесими. Во Брисел Бесими се сретнал и со Кристијан Даниелсон и Жан-Ерик Паке од Директоратот за проширување, како и со европратениците Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл. Извештајот што тој го донесе во Скопје, наредната недела ќе биде разгледуван и од Советот на министрите за надворешни работи на Унијата.
Според дипломатски извори, Извештајот „рентгенски“ ги отсликува состојбите во Македонија. „Со оглед на констатираните слабости, јасно е дека се нужни многу итни реформи во одредени сфери. Овој извештај е слика за состојбите, но и патоказ и агенда за активностите кои треба да се преземат што поскоро. Ќе мора да се покаже и силна волја и силно темпо на работа. Но, силен ќе биде и мониторингот врз начинот како се спроведуваат приоритетните реформи“, навестуваат овие извори.
Се крчка нова средба?
Но, за да започнат какви било активности, неопходен е политички компромис, кој лидерската четворка до денес не го постигна. По неуспехот на последните преговори во Брисел, на домашен терен иницијативата ја презедоа амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје, Џес Бејли и Аиво Орав.
Тие се во тивка дипломатска офанзива во обид да ги приближат позициите на Груевски и на Заев, пред состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, наредната недела. Во таа насока, амбасадорот Бејли вчера се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во партиското седиште во Тетово. Како што соопшти партијата, двајцата разговарале за политичката криза, по разговорите во Брисел. Бејли и Орав најверојатно денеска ќе се сретнат и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Иако партиите молчат, има јасни индиции дека се вложуваат интензивни допломатски напори да се договори нова лидерска средба во Скопје, најдоцна до крајот на неделава. Дипломатски извори навестуваат и силен оптимизам дека е можно „многу брзо“ се надминат разликите и да се дојде до компромис за точките кои предизвикаа конфронтации на бриселската рунда разговори.
Неофицијално, обидот е да се постигне компромис за еден од предлозите кој беше главна причина со неуспех да завршат преговорите во Брисел. Тоа е временската рамка во која Груевски би се повлекол од премиерската функција пред изборите во април идната година. Опозицијата бара тоа да биде најмалку 6 месеци пред изборите, власта прифаќа тоа да се случи три месеци пред изборите.
И претседателот Иванов синоќа во интервју на ТВ „Телма“, искажа подготвеност да помогне во организацијата на следната лидерска средб, ама него никој не го смета за релевантен.
Повеќе на DW

