Заврши полициската акција во кумановско- приведени десетина шверцери на мигранти

од desk3
105 прегледи

Заврши полициската акција во кумановско за приведување на криумчари на мигранти, која започна утринава .

Според МВР во акцијата се приведени 8 луѓе, од населбите Тоде Мендол, кај стадионот Башкими и Черкеско село, кои се сомничат дека учествувале во криумчарење и транспорт на мигранти.

download (2)

Како што потврдија од МВР се работи за луѓе кои подолго време превезувале поголеми групи мигранти. Утрово во 4.30 часот во близина на селото Доброшане, пресечен е транспорт на 7 мигранти кои од страна на тројца граѓани на Свети Николе требало да бидат превезени до српската граница. Полицијата извршила претрес на 10-тина објекти, а во еден од нив биле откриени поголема група мигранти. Уапсени се повеќе лица, кои се наоѓаат во Полициската станица Куманово.

Како што соопшти министерот Чавков, со примена на посебни истражни мерки успеале да ги идентификуваат организаторите на оваа криминална структура кои подолг временски период работела на прифаќање и транзитирање мигранти на територијата на Република Македонија,.

Чавков нагласи дека тоа е потврда за определбите за ефикасна борба на МВР во сузбивањето на илегалната миграција преку идентификување на криумчари и илегални мрежи. МВР, додаде тој, ќе продолжи и понатаму во сузбивањето на криминалните структури со несмален интензитет.

– Останува определбата на МВР покрај превентивните активности во кои учествуваме на недвосмислен и ефективен начин да продолжи со истражување на субјекти и криминални групи кои се занимаваат со криумчарење мигранти. Чисти шпекулации се тврдењата и коментарите дека со измените на Законот за азил ќе има ослободување од одговорност на оние кои на криминален начин за соодветен надомест вршеле криумчарење на мигранти, изјави Чавков, кој денеска присуствуваше на седница на Локалниот совет за превенција во Охрид.

Феноменот со миграциите, според него, толку ескалира во последно време, што и државите на Европската унија не можат да обезбедат една сеопфатна и коегзистентна политика за подеднаков третман на мигрантите од потеклото, транзитот и дестинацијата.

– Република Македонија како држава на транзит на мигранти, кои доаѓаат од јужната граница, односно од држава на ЕУ, со крајна дестинација пак држави на ЕУ, презема организирани и координирани мерки и активности кои се во неколку сегменти. Едниот беше потребата за итна интервенција во легислативата со која обезбедивме можност мигранитте да изразат намера за поднесување барање за азил, со тоа делуваме хуманитарно за третманот кон мигрантите, од друга страна превенирање на контактот со организирани криминални групи и поединци кои ја злоупотребуваат нивната неповолна состојба за лично профитирање, појасни Чавков.

Тој потсети и на мерките кои освен МВР ги преземаат и останатите Министерства за соодветно справување или минимализирање на проблемот со миграциските процеси.

Претходно денеска портпаролот на МВР Иво Котески информираше дека во акцијата во Куманово се приведени неколку лица кои криумчареле мигранти.

– Подолг период се работеше на откривање криминална група која организираше криумчарење на лица од Северена Африка и Блискиот Исток од границата со Грција низ Македонија кон северната граница, а потоа и кон земјите членки на ЕУ. Во текот на акцијата пресечен и еден нелегален транспорт на мигранти кои ги криумчарела истата  група во близина на кумановско Доброшане. Приведени се неколку лица, а мигрантите се згрижени. Со наредба на судот и јавниот обвинител извршен е претрес на неколку објекти на повеќе локации во кумановско и во еден пронајдена е поголема група, изјави Котески.