Премиерот Никола Груевски и лидер на ВМРО-ДПМНЕ даде интервју за британскиот бизнис магазин Financial Times. Премиерот ги отфрла барањата на опозицијата за негова оставка со што би се надминала политичката криза во оваа балканска земја. Груевски понатаму вели дека е подготвен да ги прифати предлозите на опозицијата за распределба на клучните позиции во периодот до предвремените избори.
„Со барањата за оставка не се согласуваме. Само граѓаните имаат право да кажат кој треба да влезе во владата, а кој да биде во опозиција“, вели во Груевски.
Сепак, Груевски вели дека е подготвен да ги прифати предлозите на опозициските сили за подготовка на предвремените парламентарни избори закажани за април 2016 година, според договорот од 2-ри јуни што го постигнаа челниците на четирите најважни партии во Македонија со посредство на ЕУ и САД, во таа смисла и распределбата на клучните министерски ресори. Груевски не ја исклучува, исто така, ниту можноста од промени во Државната изборна комисија со цел да добие поголеми овластувања.
„Подготвени сме да прифатиме многу идеи кои ќе ја зголемат довербата на опозицијата кон изборниот процес. Она што се случува во Македонија е внатрешна политичка криза, којашто имаме намера да ја надмине со политички средства. Ги поканувам набљудувачите на ОБСЕ и од секаде. Колку повеќе ќе дојдат, толку подобро за нас, бидејќи ќе видат дека сé ќе биде направено на фер и демократски начин“, вели Груевски.
FT одбележува дека Груевски е отворен за тоа опозицијата да добие нови надзорни места со право на вето во четирите најважни министерства, за внатрешни работи, за финансии, за труд и за земјоделие.
