Лидерите на најголемите политички партии утре во Скопје ќе се сретнат на преговори со цел излез од политичката криза. 
И покрај тоа што процесот е под медијаторство на Европската унија, еврокомесарот Јоханес Хан нема да присуствува на лидерската средба.
Големите очекувања и преодната априлска влада на Македонија
Се надевам на подобрување и се надевам на први конкретни резултати. Ако добро разбрав од извештаите, сите се решени да направат сериозен напредок и тоа е во интерес на сите нас, изјави еврокомесарот.
Претходно, премиерот Никола Груевски во интервју за Фајненшл тајмс рече дека ги прифаќа предлозите на опозицијата, но дека нема намера да се повлече од функцијата.
Токму повлекувањето на Груевски од челната позиција во Владата е едно од клучните барања на опозициската СДСМ, без чие остварување за социјалдемократите нема договор.
Од опозициската партија велат дека ставовите на премиерот не се изненадување, и дека немаат намера да отстапат од своите позиции. Според се, утрешната средба нема да ги помрдне ниту власта ниту опозицијата од своите позиции , па разрешницата и преговорите веројатно ќе се влечат и за време на одморите.