Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски го повика претседателот на опозициската СДСМ Зоран Заев да се повлече од градоначалничката позиција поради видео-снимката на која вели, бара мито, од бизнисмен и ако има доверба во себе да распише предвремени избори за градоначалник во Струмица.
– Ако Заев има барем ронка доверба во себе и во својата политика, го повикувам да распише предвремени градоначалнички избори во Струмица оваа есен, особено после онаа видео снимка на која отворено и срамно бара мито од бизнисмени, раскажува како тоа таков бил редот за земање арач од сите, за работи кои се обврски на општината да ги заврши на секој еден граѓанин. Замислете таков човек за Премиер!!!? Истото ќе почне да го прави со сите домашни и странски компании, кои една по една ќе почнат да се повлекуваат и да ги затвораат новоотворените работни места. Независно дали тој или некој друг од овој тим ќе биде премиер, а самиот Заев шеф на партијата. Бидејки моќта секој еден политичар ја црпи од партијата, за која народот се произнесува на избори, рече Груевски на 24-та годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа денеска во Скопје.
Тој се осврна и на критиките од опозицијата дека со субвенции власта ја стекнувала довербата кај земјоделците.
– И гледам пред некој ден, објавиле дека преку давањето субвенции на земјоделците власта го купувала тој Иво од кого Заев најбезобазно бараше мито за себе и за брат му. А да го прашам јас од оваа говорница: владата дава субвенции и на неговите фирми кои произведуваат корнишони. Да не го поткупивме ние и Заев со субвенциите што ги зема за да работи за ВМРО и да снима риалити шоу за земање мито и личен данок од бизнисмените, за чисто онака да ни учини. И онака самиот изјави дека богаството го направил во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, рече Груевски.
Како неосновани ги оцени и оправдувањата на Заев дека ВМРО-ДПМНЕ сакала да го уапси преку подметнување на случај со подмитување.
– Какво глупаво оправдување… Се сеќавате ли кога овој човек говореше во јавноста дека се плашел дека ВМРО-ДПМНЕ ќе му пуштела човек на јавно место да му тутнел пари во скутот, за потоа да сме можеле да го уапсиме. И потоа следуваше снимката на која лично тој бара мито и раскажува дека воспоставил систем за земање на митото, кој систем повеќемина кои ги наброи веќе го испочитувале. Очигледно, кој си ја има мувата на капата, си ја ишка. Или на заменичката негова да не и тутне некој пари за кириите во стновите каде живее, вели Груевски.
Лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев ќе направи се за да пропадне договорот од 2 јуни и за да не се одржат предвремени избори, рече лидерот Груевски .
– Она што е значајно за Македонија е да не му се дозволи на овој човек и на оние околу него да смислат причини за да не се реализира договорот од 2 јуни. Ве уверувам дека тој ќе направи се за да пропадне договорот, а предвремени избори да нема. Не го интересира ни измени на законот за избори, ни странски набљудувачи, ни пречистување на гласачкиот список, ни ништо. Се тоа му е второстепено. Првостепено што го интересира што е тоа што ВМРО-ДПМНЕ не може да го испорача, за да го побара јавно тоа и тоа да му биде изговор за одложување на изборите, рече Груевски.
Тој додаде дека неодамна му понудил на Заев да се одржат избори оваа есен, но оти тој го одбил. – Кога во една прилика неодамна му понудив избори оваа есен, и тој ги одби, еден од присутните зачудено му се обрати и му кажа дека тој не видел досега ситуација власта да нуди, а опозицијата да одбива предвремени избори. По правило опозицијата е таа која ги бара или барем глуми дека ги бара, им порача истиот. Знаејќи дека ќе ги загуби тие избори, Заев бара и ќе бара нелогични работи за кои народот одлучува, а не тој. Тој тоа го знае, но тој всушност бара спас од изборите, после кои ќе треба да ја напушти политиката поразен и избркан од народот во Македонија. А истото ги чека они 20-тина што се врткаат околу него кои статираат на неговите прес-конференции, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер Никола Груевски.
/МИА
