Средбата помеѓу четворицата лидери на најголемите политички партии денеска, во обид да се најде излез од политичката криза која треба да се одржи во Клубот на пратениците со почеток во 13 часот, сѐ уште е неизвесна.
И покрај вчерашните најави од дел од преговарачите дека денеска лидерите на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, со набљудувачите-амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, ќе го направат финалниот обид за договор во Клубот на пратеници, извори од преговорите претпладнево брифираат дека сепак не е сигурно одржувањето на лидерската средба.
Според нив ако ја има таа ќе се закаже ад -хок, а отворена е опцијата и за утре. Според истите извори дел од инволвираните побарале дополнително време за консултации.
Преговарачките тимови на партиите во текот на денот ќе одржат поединечни средби со меѓународни претставници, како што тоа се случуваше и во изминатите денови. Неизвесно е дали ќе има доближување на ставовите и отстапки од првичните позиции за содржината и времетраењето на привремената влада, како и за реорганизацијата на институциите кои се во надлежност на извршната власт.
Очекувањата се дека денешнава средба ќе биде последен обид да се постигне договор во оваа фаза, а потоа е неизвесно дали преговорите ќе прекинат и какви активности се преземе опозицијата. Според дипломатски извори тенденцијата на страните е целиот процес да се одовлекува до доаѓањето на aмериканскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд, кoja во рамки на посетата на регионот, на 13 јули ќе ја посети и Македонија.