Вчера вечерта беше организиран традционалниот свечен прием по повод националниот празник на САД, „4 Јули -Денот на независноста“ во амбасадата на САД во Скопје. Ова беше првата свеченост од оваа категорија на амбасадорот Џес Бејли во неговиот мандат во Македонија.
На свеченоста на која присуствуваше целиот македонски државен врв, министри, пратеници, претставници на институции, политички партии, НВО, на верските заедници, дипломатскиот кор, амбасадорот Бејли истакна дека годинава прославата е и во знакот на одбележување 20 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу САД и Република Македонија.
Амбасадорот Бејли одржа говор, зборувајќи за значењето на празникот, кој годинава се одбележува 239-ти пат.
„Нашите нации имаат многу заеднички нешта. Ние сме мултиетнички земји кои не се дефинирани од една етничка група и еден јазик. Оваа разновидност е извор на сила, која во исто време поставува предизвици кои мора да продолжиме да ги надминуваме. За да постигнеме напредок мора да работиме заедно, односно секојдневно да сме посветени на вредностите на демократијата. „Ние народот“ и „посовршено обединување“ се фрази кои одекнуваат кај Американците, но исто така се однесуваат и на народот на оваа млада демократија. Американците се горди што се пријатели и партнери на народот на Македонија додека тие се стремат да создадат просперитетна, динамична и мултиетничка демократија“, рече Бејли.
„Оваа година додека ја славиме 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија, се потсетуваме на нашето партнерство и достигнувања. Зад нас имаме значајни достигнувања – од официјалниот почеток на нашите односи во 1995 година, преку нашата Декларација за стратешко партнерство и соработка од 2008, сѐ до нашето колективно дејство да се соочиме со предизвиците на денешнината. Народите на нашите две земји работеле заедно во бизнисот, стоеле рамо до рамо на бојното поле, споделувале култура и знаење преку програмите за размена и изградиле трајни пријателства засновани на доверба и замено почитување“, рече амбасадорот Бејли.