Движење на реформи ДПА е името на новата партија што и официјално ја формира струшкиот градоначалник Зијадин Села, откако судот донел одлука дека печатите на ДПА треба да останат на Мендух Тачи. За три часа биле собрани 2.000 потписи што е дупло повеќе од она што е предвидено со законската процедура.
– Новата партија има околу 14.000 членови што е многу повеќе од било кој друга албанска партија во земјава, па прибирањето на потписи заврши брзо и без проблеми. Порано имавме притисоци од ДУИ и ДПА, но сега тоа е надминато – вели Села.
Според него во новата партија поминуваат и околу 80 отсто од членовите и поддржувачите на ДПА. Платформата на новата партија е онаа што беше усвоена на конгресот на ДПА што тој го организираше.
– Секако планираме да учествуваме на предвремените парламентарни избори закажани за наредната година, но да видиме прво кој и како ќе ги организира – вели Села.