Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ) со серија иницијативи изразуваат револтот кон Министерството за труд и социјална политика, по неуспешните обиде за добивање легална регистрација. Од СКРМ велат дека уредно поседуваат документи, и доволен број на членови и ги исполнуваат условите за регистрација.

Интегрално соопштение на СКРМ:
-Синдикатот на културата на Република Македонија како легитимен синдикат кој ги обединува синдикалните организации од Филхармонија, МОБ, театри, конзерваторски центри, музеи, заводи за заштита на споменици на културата, институции за управување со археолошки локалитети и други, огорчени од игнорантското однесување на ова Министерство за труд и социјална политика кон нашиот Синдикат. Имено, СКРМ, како легитимен синдикат, веќе е доволно окрупнет и во него членуваат од различни области во културата. Исто така, кон СКРМ се приклучуваат бројни синдикални организации кои веќе неколку месеци имаат поднесено барања за нивна регистрација, но Министерството за труд и социјална политика ги задржува истите документи и не издава потребна документација која ќе се проследи до Централниот регистар за официјална регистрација на синдикалните организации.
Со тоа, се одложува и намерата на СКРМ да поднесе документи за озаконување на нашата репрезентативност пред Министерство за култура, со што во иднина СКРМ би бил рамноправен синдикален партнер на ресорното министерство за договори, преговори и слично, со главен акцент на долгоочекуваниот Колективен договор.
Напоменуваме дека, и покрај сите опструкции што СКРМ ги има од страна на ова Министерство, сепак главна тема на нашите активности се последните измени во Законот за култура. Ние сме со цврст став дека овој закон е штетен по сите нас, вработените во културата: музичари, танчери, актери, филмски работници, археолози, конзерватори, музеалци, сликари, историчари, историчари на уметноста, етнолози, архитекти и административен-технички кадар кој ја поддржува нашата работа во нашите области.
Ние веќе одамна се спротивставуваме на дефиницијата Даватели на јавни услуги, бидејќи нема никаков логичен след во постројувањето на уметниците и културните работници да се ставаат во ваква „добро запакувана“ форма на административна пранга. СКРМ уште во јануари 2015 година даде преставка до Уставен суд за неуставноста на овие измени во Законот. Оттаму сеуште нема одговор. Во меѓувреме, испративме писмо до Министерката за култура, г-ѓа Елизабета Канчевска Милевска и бевме на средба со неа, од која категорично бараме повлекување на овој Закон. Нашите барања не беа услишени. И покрај тоа што СКРМ одржа и протест пред зградата на Министерството за култура, Законот за култура не само што не е повлечен, туку веќе се имплементираат сите процедури што од него произлегуваат (иако неуспешно и со невидено многу проблеми). Затоа, ние ги најавуваме нашите протести кои ќе продолжат и понатаму, се додека не се повлече овој лош закон. Морам да потенцирам дека ние сме огорчени и комплетно незадоволни од Министерката Канчевска Милевска и од нејзиниот игнорантски однос кон нас.
Втората причина за која сакаме да и се обратиме во јавност е неочекуваното појавување на СОНК во врска со проблемите во културата и нивниот предлог- колективниот договор со Министерство за култура. Ние сме страшно изненадени тоа нивното будење од 9-годишен сон и летаргија во врска со збиднувањето во културата, од што произлезе овој резултат на немање колективен договор во културата скоро цела деценија. Затоа, ние нема да дозволиме набрзина, непромислено и неавторизирано да се да се преговара и да се потпише колективен договор од страна на незаинтересирани и аналфабети за состојбите во културата. Ние нема да дозволиме никој освен ние самите да ни ја кова судбината со тоа што ќе ја климаат главата за сите делови од договорот кои воопшто не ги тангираат нив, ниту пак нешто им значат.
И на крај, но не и помалку важно, сакам да им се заблагодарам на сите колеги и поддржувачи на нашата цел, со чија помош успеваме да ја оствариме нашата зацртана задача и да ја спроведеме нашата успешна мисија: Градење на здрав и силен синдикален сојуз на сите дејности од културата, со кој заедно и сплотено ќе ги штитиме правата на сите вработени културата и ќе го издигнеме нивниот статус на највисоко ниво во општеството, онака како што ни доликува.
Ви благодарам.