Амнести интернешнел ги обвини балканските држави за малтретирање на мигрантите кои минуваат преку нивните територии на патот кон ЕУ, наведувајќи дека е „срамно да се изневерат“ луѓе кои бегаат од војна.
„Илјадници бегалци, мигранти и баратели на азил,вклучувајќи ги и децата, се изложени нанасилство и уцена на властите и криминални групи на Балканот. Покрај тоа, системот за азил на Европската унија засрамувачки ги предаде и ги остави заглавени во Србија и Македонија“, се наведува во новиот извештај на Амнести интернешнал, истакнувајќи дека Србија и Македонија станаа бездната во која се прелеваат бегалци и мигранти, кои никој во ЕУ не е подготвен да ги прифати.
Во извештајот се додава дека со порастот на бројот на загрозени бегалци, баратели на азил и мигранти во „ничија земја“ на Балканот, притисоците врз Србија и Македонија се зголемуваат. Гори ван Гулик, заменик-директор на Амнести за Европа и централна Азија истакна дека Србија и Македонија мора да направат повеќе за почитување на правата на мигрантите и бегалците.
Извештајот на Амнести интернешнал е врз основа на наодите од четири истражувачки мисии во Србија, Унгарија, Грција и Македонија во периодот меѓу јули 2014 и март 2015 година, за кое време беа интервјуирани повеќе од сто бегалци и мигранти.
Организацијата вели дека бројот на луѓе уапсени за време на преминот на српско-унгарската граница, е зголемен за повеќе од 2.500 отсто во споредба со 2010 година, од 2.370 до 60.602 луѓе.
Многу од нив се принудени да плаќаат мито, а еден сведок изјави за Амнести интернешнал, дека член на граничната полиција во Србија се заканил дека ќе ја врати од унгарската граница целата негова група ако секој не плати по 100 евра.
Во Македонија, во 2014 година само 10 баратели на азил добиле статус на бегалци, а во Србија само еден. Оние кои одат во Унгарија се соочуваат со натамошно кршење на нивните права, полицијата ги задржува во “понижувачки услови” и малтретирање.
Во извештајот се додава дека се поголемиот број на бегалци кои доаѓаат од целиот Балкан се резултат на сеопфатниот неуспех на политиката на ЕУ кон миграциите и азилантите, над што Србија и Македонија немаат контрола.
Амнести интернешнал заклучува дека Србија и Македонија се под притисок на брановите на мигранти и дека овој проблем може да се реши само преку подобро промислена политика на ЕУ кон миграциите и азилот.