Претседателот на ССМ, Живко Митревски зема плата од 50 000 + 13 000 за одвоен живот?

од desk3
153 прегледи

22536mala

Преку соопштение членови на ССМ денеска до медиумите испратија записник во кој стои дека Претседателот на ССМ Живко Митревски си утврдил основна плата од 50.000.оо илјади денари и право на дневници за одвоен живот од 13.000.оо денари иако има стан во Скопје-пренесе Репортер.

Според членовите на ССМ тој овие точки го донел без кворум за работа на претседателство, незаконски и во точка под разно.

Од ССМ до медиумите денеска го испратија и записникот.

З а п и с н и к

од Првата седница на Претседателството на ССМ одржана на 22јуни 2015 година

На Првата седница на Претседателството на ССМ одржана на 22 јуни 2015 година присуствуваа: Претседателот на ССМ( и претседател на СШДЕ) -Д-р Живко Митревски , Секретарот на Советот на ССМ – Анѓелко Анѓелковски и претседателите на : МПС – Тихомир Климоски ;УПОЗ – Пеце Груевски, СИЕР- Пеце Ристески ,АГРО- Живко Даневски ; СГИП – Павел Трендафилов; СРСВМ– Методија Димески и Синдикатот за здравство– Љубиша Каранфиловски.

Отсуство од седницата најавија претседателите на : ССЕСМ, СОБ, СУТКОЗ, СФДМ и СПТРМ.

Седницата ја отвори и со нејзината работа раководеше Претседателот на ССМ кој воедно им се заблагодари на присутните и на сите други претседатели на синдикати кои дадоа поддршка и учествуваа во работата на XIX Конгрес на ССМ .Претседателот на ССМ истакна дека во наредниот мандат очекува добра соработка , отворен пристап и меѓусебно договарање за реализација на активностите за спроведување на програмските определби на ССМ кои произлегоа од Конгресот.

За работа на седницата беше предложен и усвоен следниот :

ДНЕВЕН РЕД

Усвојување на записникот од 46 седница на Претседателството на ССМ одржана на 14.4.2015

Донесување на Одлука за разрешување на секретарите на регионалните синдикални претставништва и координаторите на синдикалните канцеларии

Информација за водените разговори за изменување и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството
Тековни прашања

Во врска со записникот од 46 седница на Претседателството на ССМ одржана на 14.4.2015 година забелешки изнесе Претседателот на УПОЗ. Забелешките се однесуваа на страна 3 и 4 од записникот .Записникот беше усвоен без наведените забелешки со укажување од страна на Претседателот на ССМ дека Претседателството треба конкретно да договори на кој начин и во која форма ќе се водат записниците за да се избегнат проблемите кои се пред се од технички карактер.

Прва точка

По првата точка од дневниот ред , Претседателот на ССМ истакна дека по одржувањето на 19 Конгрес на ССМ, согласно Статутот и другите акти на ССМ , потребно е да се донесат одлуки за разрешување на секретарите на регионалните синдикални претставништва и координаторите на синдикалните канцеларии , како и одлуки за нивно назначување за вршители на должностите . На наредна седница на Претседателството на ССМ ќе се одлучи за територијалната организираност на ССМ и за кадровската екипираност на територијалните синдикални организации. Врз основа на одлуките за територијалната организираност на ССМ , Претседателството на ССМ ќе донесе одлуки за именување на носителите на функции на територијалните синдикални организации согласно статутот на ССМ.

Во расправата по првата точка од дневниот ред учествуваа : Претседателот на ССМ, Секретарот на Советот на ССМ, Претседателот на АГРО, Претседателот на СИЕР, Претседателот на УПОЗ .

Врз основа на расправата , а во насока на подготовка за наредната седница на Претседателството на која ќе се одлучува за организационата поставеност и кадровската екипираност на територијалните синдикални организации , договорено е да се подготви анализа за состојбата од аспект на бројот на вработени , регистрирани компании и синдикално членство во секоја општина на подрачјето на РМ.

По спроведената расправа Претседателството ги донесе следните одлуки :

– Одлука за разрешување од именувана функција – секретари на РСП и координатори на Синдикалните канцеларии

– Одлука за назначување на В.Д. носители на именувана функција – секретари на РСП и В.Д. Координатори на Синдикални канцеларии

Втора точка

По втората точка од дневниот ред Претседателот на ССМ информираше дека на барање на ОРМ е отпочната постапка за измена и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството .Одржани се две средби на 8 и 15 јуни 2015 на кои присуствуваа претседателите на дел од синдикатите од приватниот сектор .Иако ОРМ имаше и други предлози за измени и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството , договорено е расправата да се води само во врска со можните модалитети во постапката за исплата на регресот за годишен одмор.

Претседателот на ССМ ги информираше членовите на Претседателството на ССМ дека на разговорите водени на двете средби, потписниците на ОКД беа единствени во ставот дека правото на регрес за годишен одмор останува како право , а единствено е можно да се дискутира за модалитетите на исплата на регресот за годишен одмор.

Предлог на ССМ во преговорите е да се разгледа можноста регресот да се исплатува само на членови на синдикатот и да се уреди постапка за начин на исполнување на оваа обврска за компаниите кои искажале загуба во работењето .

Формирана е работна група од претставници на ОРМ и ССМ (од ССМ во работната група се предложени претседателите на СИЕР и АГРО и Секретарот на Советот на ССМ )Договорено е оваа работна група да утврди заеднички текст за измени и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството во согласност со договорениот концепт од состанокот одржан на 15.6.2015 г .

Претседателот на ССМ истакна дека и покрај вака договорената динамика за водење на преговорите на 18.6.2015 г до ССМ е доставено писмо од ОРМ со следниот:

ПРЕДЛОГ ЗА ИЗМЕНА НА ОПШТИОТ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР

ЗА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР ОД ОБЛАСТА НА СТОПАНСТВОТО

Во членот 35 став 1 алинеја 7 се менува и гласи:

ВАРИЈАНТА 1:

„Регрес за годишен одмор во висина од 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.

Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор.

Кај работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско- финансиската состојба на работодавачот, со спогодба потпишана со синдикалната организација, може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор, но не помалку од 20% од основицата.

Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината, а може да се исплати и на рати. Износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата“.

ВАРИЈАНТА 2

„Регрес за годишен одмор, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач.

Висината на регресот за годишен одмор се утврдува со Колективен договор на ниво на гранка односно оддел или со поединечен колективен договор на ниво на работодавач.

При утврдувањето на висината на регресот за годишен одмор учесниците во преговарањето ја земаат во предвид економско-финансиската состојба на дејноста т.е. работодавачот.

Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината, а може да се исплати и на рати“.

Во врска со овој предлог на ОРМ ,на 19.6.2015 г Претседателот на ССМ достави писмо( бр. 0302-248/1 од 19.6.2015) до ОРМ со кое ги известува дека предлозите кои ги доставиле од ОРМ за измена на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството не се во согласност со водените разговори од 15.6.2015 година . Во писмото Претседателот на ССМ уште еднаш до ОРМ го достави предлогот кој ССМ го истакна на состанокот од 15.6.2015 година, и то :

ПРЕДЛОГ

за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството

Во членот 35 став 1 алинеата 7 се менува и гласи:

„- Регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата се исплатува на членови на синдикат под услов истите да работеле најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.

При исплатата на регрес за годишен одмор се зема во предвид економско – финансиската состојба на работодавачот за што се постигнува посебен договор со синдикатот на ниво на работодавач по предходна согласност од синдикат на повисоко ниво.

Износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата .“

Во писмото ( бр. 0302-248/1 од 19.6.2015) ССМ уште еднаш потенцира дека на состанокот од 15.6.2015 година е формирана работна група која треба да го утврди заедничкиот текст , а истовремено е конципиран заеднички текст за соопштение кој во основа е платформа околу која треба да се утврди заедничкиот текст .Со оглед на тоа што не е направен заеднички текст на работната група , претседателот на ССМ во своето писмо до ОРМ ( од 19.6.2015 ) предложил да се организира нова средба во состав како на состаноците од 8 и 15 јуни 2015 година .

По излагањето за текот на преговорите во врска со барањето на ОРМ за измени и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството , Претседателот на ССМ ги информираше членовите на претседателството дека ССМ останува на договорените ставови и дека преговорите ќе продолжат понатаму доколку тоа го побара ОРМ , а за тоа ќе бидат благовремено известени .

Во расправата по оваа точка од дневниот ред учествуваа: Претседателот на СИЕР,Претседателот на синдикатот за здравство, Претседателот на СГИП , Претседателот на МПС , Претседателот на УПОЗ .

Врз основа на расправата беше договорено следното :

Претседателството се согласи дека ССМ треба да остане на предлогот даден на состанокот на 15.6.2015 година .
Со оглед на тоа што на двете средби со претставниците на ОРМ присуствувале само некои од синдикатите од стопанството во состав на ССМ, во иднина на преговорите треба да присуствуваат сите претседатели на синдикати од овој сектор , како и потребата од учество на целото Претседателство на ССМ во донесувањето конечната одлука за измени и дополнувања на ОКД.
Учесниците во расправата истакнаа повеќе модели на плаќање на членарина од страна на сите вработени во компаниите без оглед на тоа дали се членови на синдикат , за користење на правата од колективните договори .

Во врска со овие предлози беше договорено да се одржи трибина- средба со претставници на судовите , факултетите и други експерти за да се разгледаат можностите за воведување на обврска за плаќање на членарина од страна на сите вработени во компаниите без оглед на тоа дали се членови на синдикат , за користење на правата од колективните договори .

Во врска со продолжувањето на преговорите за потпишување на ОКД за јавниот сектор и уредувањето на правото на регрес и во оваа област , Претседателот на ССМ истакна дека е назначен В-Д претседател во КСС и тоа ќе овозможи да продолжат активностите во ЕСС и дека ССМ ќе инсистира на актуелизирање на ова прашање.

Во насока на запознавање на јавноста за текот на преговорите за измени и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството беше договорено доколку се одржи наредна средба со претставниците на ОРМ да се договори заедничка прес – конференција , како и да му се укаже на претседателот на ОРМ за почитувањето на договореното за заеднички настап пред медиумите .

Тековни прашања

Претседателот на ССМ го информираше Претседателството за учеството на ССМ во проект на ЕУ – ,,Организирање во приватните компании,, во врска со мобилизација на ново членство и дека е потребно да се задолжи некој од претседателите на синдикатите за водење на активностите во врска со проектот . Претседателството го овласти Претседателот на ССМ да направи дополнителни разговори со претседателите на синдикатите и да определи лице задолжено за проектот.
Претседателството на ССМ донесе Одлука за утврдување на платата на претседателот на ССМ со која на претседателот на ССМ му се утврдува основна нето плата во висина од 50.000,00 денари .

Претседателот на ССМ побара да не се врши усогласување на висината на платата согласно Усогласувањата и измени и дополнувања на колективниот договор на вработените во ССМ и ССМ бр. 0703-61/6 од 25.2.2013 година, односно платата на Претседателот на ССМ да не се зголемува за 15% за одбранет докторат на науки, поради различни толкувања и мислења.

Претседателството на ССМ го овласти Секретарот на Советот на ССМ да подготви и потпише од име на Претседателството на ССМ , Анекс кон Договор за вработување бр. 0402-168/1 од 3.5.2015 г склучен помеѓу ССМ и Д-р Живко Митревски –Претседател на ССМ.
Претседателството донесе заклучок во иднина за новопримените вработени платата да не се зголемува за одбрана на магистратура или докторат доколку претходно во Актот за систематизација не се утврди дека за определено работно место се бара вработеното лице да поседува магистратура или докторат од определена област.
Претседателството на ССМ на барање на Претседателот на ССМ, одлучи да престане важноста на Одлуката за утврдување на надомест за трошоци за користење на стан за претседателот на ССМ бр. 0703-166/1 од 3.5.2011г .
Претседателството на ССМ донесе Одлука за надоместување на трошоците поврзани со работа – одвоен живот од семејството за претседателот на ССМ во износ од 13.000,00 денари .
Претседателството донесе Одлука за исплата на животно осигурување за вршење на функцијата Претседател на ССМ
Претседателството донесе Одлука за исплата на дневници на службени патувања

 

Извор: Репортер.