ДУИ ја напушти седницата на Комисијата за надзор над работата на УБК и на АР

од desk3
130 прегледи

wpid-tepacka-sobrainie-alb
Пратениците од ДУИ денеска ја напуштија седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и на Агенцијата за разузнавање, откако не беше прифатено нивното барање да се прекине седницата се додека пратеникот Зуљфи Адили не добие писмен одговор во врска со неговото барање за безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.

Пратениците Адиљи и Рафиз Алити, укажувајќи дека се потребни базични измени во Законот за класифицирани информации, посочија дека немањето одговор и по една година од страна на УБК отвора дилеми во пратеничката група на ДУИ. Алити смета дека избраните пратеници по автоматизам треба да имаат можност за пристап до информации и податоци за да можат, како што рече, да ги изршуваат своите надлежности. Ова со безбедносните сертификати, рече тој, се случило и претходно со пратениците Хисни Шакири и Тахир Хани, но и со други пратеници од различни пратенички групи.

Седницата ја напушти и пратеничката Роза Топузова-Каревска, која истакна дека долгото неиздавање безбедносни сертификати од страна на УБК отвора и сомнеж за нејзината работа. Доложност е на Управата, смета таа, да одговори зошто одреден пратеник не може да добие сертификат.

На пратениците од ДУИ и на Топузова-Каревска им реплицираше пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој потенцира дека не се согласува со тезата дека пратениците треба да бидат нешто посебно од обичните граѓани.

Пратениците, подвлече тој, се обични граѓани кои добиле мандат да ги претставуваат еднаквите на себе во Собранието. – Никој од пратениците не може по автоматизам да добие нешто што не му следува без разлика дали е тоа статус, мандат или серитфикат или пристап кон класифицирани информации, рече Милошоски.

Сертификатите за пристап до класифицирани информации, појасни Милошоски, ги издава Дирекцијата за заштита и безбедност на класифицираните информации, а не е УБК. Сепак, како што рече, се согласува со тоа дека треба кој било пратеник да добие образложение доколку постојат основи, основани или не, за тоа добивање безбедносен сертификат.

За Милошоски денешното напуштање на седницата на Комисијата и образложението од Адили е пример на еден пратеник кој што преку недобивање на сертификатот сака да го етнизира прашањето и да се претстави себеси и своето гласачко тело како жртва на државен репресивен систем.

– Очигледно е дека не станува збор за жртва, бидејќи ги ужива комодитетите на статусот пратеник во Собранието со сите права и обврски. Овој случај денес е само едно политизирање и има за цел да донесе ситни партиски поени на етничка линија, рече пратеникот и потпретседател на Собранието Антонио Милошоски.

Според пратениккот Павле Трајанов, треба да се дискутира во Комисијата за тоа како ќе се одвива процесот за добивање безбедносни сертификати затоа што вака, како што рече, се деградира функцијата пратеник. Генерално, според него, правото за пристап до класифицирани информации треба да го имаат високи функционери избрани или именувани.

На седницата денеска беа донесени два заклучока и тоа да се оствари надзорна посета на УБК и да се побара писмен извештај за нејзината работа во текот на минатата година./МИА