Здружението на новинарите на Македонија силно го осудува физичкиот напад врз новинарот Саше Ивановски од вицепремиерот Владимир Пешевски, со кој е загрозено здравјето и физичкиот интегритет на еден новинар. Насилството против новинарите во едно демократско општество, е насилство против слободата и демократијата, порачуваат од ЗНМ.

„Вицепремиерот очајнички се обиде со тупаници да замолчи новинари да не поставуваат незгодни прашања на власта и насилно да ја ограничи слободата на медиумите. Го повикуваме Пешевски веднаш да поднесе неотповиклива оставка затоа што веќе е недостоен да извршува таква висока функција во владата. Очекуваме државниот јавен обвинител Марко Зврлевски да покрене постапка против Пешевски заради физичкиот напад врз новинарот Ивановски“, соопшти ЗНМ.
Здружението го оценува како скандалозно соопштението на ВМРО-ДПМНЕ по повод нападот врз Ивановски, со кое, според него, се легитимира насилството како средство за справување со новинари.
„Македонската јавност од функционерите на власта очекува одговори на поставените прашања, а не тупаници против новинари кои поставуваат прашања“, велат од ЗНМ.