DW: Платите и пензиите ја сотреа развојната компоненета на народната класа

од desk3
113 прегледи

Повисоки приходи, понизок економски раст. Ребалансот на буџетот е полн со нелогичности, реагираат дел од експертите, анализира Дојче веле.

pari-fin1437131999_thumb_medium490_0

Политички некоректен, економски малку логичен. Владиниот потег за ребаланс на буџетот, само ден по договорот за излез од политичката криза, ја изненади јавноста. Не само поради фактот што државната каса ќе се прекројува набрзина пред одмори и повторно без присуство на опозицијата, туку и заради актуелниот, пред се‘ политички моментум кој налага внимателен но и транспарентен пристап во делот на управувањето со јавните финансии. Упатените коментираат дека ребалансот практично е изнудено решение пред се‘ поради зголемувањата на социјалните трансфери, платите, пензиите, за кои не беа предвидени средства во првичната верзија на државната каса. Но, загрижува фактот што расходите се зголемуваат дури за 85 милиони евра и тоа во услови кога потфрлаат приходите по основ на данок на додадена вредност, што е сериозен индикатор за намалување на економската активност и потрошувачката. Сепак, податоците за зголемените буџетски приходи во делот на данокот на добивка и акцизите, според министерот за финансии Зоран Ставрески, даваат простор за корекција на позициите во државната каса:

„За околу 14 проценти се повисоки буџетските приходи во однос на истиот период од 2014 година што во однос на планираното е некаде околу 6 проценти поени повеќе прибрани буџетски приходи отколку што се планираше за првите шест месеци од оваа година. Кај ДДВ имаме нешто пониско остварување од планираното, но тоа е целосно искомпензирано со повисоките приходи од данокот на добивка и акцизите. Вкупно земено приходите се појаки и поголеми од планираните. што создаде добра ситуација во смисла дека буџетот е во добра финасиска кондиција и ребалансот се прави од таа појдовна основа“, изјави Ставрески.

Без позначајна развојна компонента

Но фактот дека повторно само помал дел од расходите ќе се потрошат за капитални проекти, односно околу 19 од вкупно 85 милиони евра, според опозицијата покажува дека власта продолжува свесно да форсира мегаломански буџет преку зголемување на дефицитот и без позначајна развојна компонента:

„Рамките на кои се базира ребалансот на буџетот целосно го покажуваат неуспехот на владините политики. Со ребалансот се врши намалување на претпоставката за реалниот раст на БДП од 4% на 3,5%. А, само сетете се на ветувањето на актуелната власт од 2006 година кога се најавуваше дека во наредните четири години ќе се оствари просечна стапка на раст на економијата повисока од 6% – што би значела подобрување на животниот стандард на граѓаните. Во деветата година од владеењето веќе е повеќе од јасно дека актуелната економска политика нема идеја да оствари значаен економски раст кој ќе го подигне животниот стандард на мнозинството граѓани во Македонија. Најзагрижувачки е што се продолабочува буџетскиот дефицит во услови на голема фискална нетранспарентност, која овозможува непродуктивни трошења и неефикасна алокација. Ова од една страна ќе доведе до уште поголемо зголемување на економската нееднаквост во македонското општество, а од друга страна ќе влијае на растот на јавниот долг, кој ионака моше сериозно се зголемува од 2008 година до сега“, реагира Драган Тевдовски претседател на комисијата за економија во СДСМ.

Текстот во целост прочитај го тука.