Кралот со капа на дворски шут

од Vladimir Zorba
115 прегледи

Ви пренесуваме дел од колумната на Ѕвездан Георгиевски за Призма:

11234981_10206436651533259_1788331593001733685_n1-540x540Тупаницата на Пешевски, всушност, како автономен чин, и не би заслужувала некое особено внимание, доколку не се работи за логична последица на доминантното разбирање на владејачката партија на насилството како легитимен демократски чин. Впрочем, таа тоа јасно и недвосмислено го покажа уште во 2009 година во пресметката со демонстрантите против изградбата на црква на главниот скопски плоштад. Тогаш, се сеќавате, се собраа повеќекратно побројни контрадемонстранти кои насилно го прекинаа студентскиот протест. Полицијата не интервенираше, а власта покрена кривични пријави против протестантите. Со други зборови, јасно беше покажано дека насилството контекстуално ќе се толерира, а поттекстуално ќе се охрабрува.

За да може овој и ваков модус на „демократската битка“ непречено да се спроведува, неопходна, во суштина круцијална, беше уште една мерка – еутаназија, па и лоботомија на јавноста. Иако притисоците и силувањето на јавното мислење започнаа уште од стапувањето на власт, клучниот момент беше укинувањето на А1 телевизија и придружните весници, а потоа и на други медиуми (авторот на овие редови беше директен сведок на умирањето на неделникот „Глобус“).

Потоа беше лесно. Корпоративните национални телевизии беа лесен плен за освојување. Конечно, не е целта медиумскиот простор да остане празен туку да се претвори во алатка за формирање на заглупавената толпа. Не мислиме тука само на информативните програми, иако не спориме дека се најбитни, туку на сите оние „сапуници“, надсинхронизирања, „Грандови“, „Барам жена“, „Х-фактори“ и останати медиумски производи за заглупавување на аудиториумот, при што тука не се исклучува ни вината на А1 телевизија, како пионер на создавање на таканаречената „мрзлива“ публика, што на крајот ѝ се удри од глава.

Обидите за воспоставување некаква медиумска рамнотежа се речиси однапред осудени на неуспех (примерот на неделникот „Граѓански“), затоа што огласувачите, со беспрекорен инстинкт, непоколебливо ќе ве бојкотираат и така ќе ве истераат од медиумскиот простор.

Во услови кога Владата е најголем огласувач, но и најголем бизнис партнер (и не само бизнис партнер) на она што остана од македонското стопанство, ретките различни гласови опстојуваат единствено преку меѓународните донации (односно преку невладините организации) што во никој случај не може да обезбеди соодветен баланс, ниту во сферата на финансиите, а уште помалку во сферата на влијателноста.

Апсурдот на македонската верзија на слободниот медиумски пазар е токму во тоа – нема медиуми каде што ќе објасните дека слободниот пазар не постои. А ако нема медиуми што оваа појава ќе ја објаснуваат, тогаш таа појава и не постои.

Вака униформираниот медиумски простор, од кого се отстранети сите критички и иронични дезени (бавната смрт на карикатурата, умирањето на К-15), функционира токму онака како што функционира целата држава – како демократска власт без опозиција. И ако има некаква опозиција, таа треба да се истера од парламентот. Во практика, тоа по насилен пат се направи на оној 24 декември, а по манипулативен пат и по последните избори.

Целата колумна на Ѕвездан Георгиевски за Призма прочитајте ја тука.