Од Јавното обвинителство соопштија дека во однос на наводното незаконско прислушување на Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Тито Петковски, Андреј Жерновски, Оливер Спасовски и Стево Пендаровски е веќе отворен предмет на кој активно работи надлежен обвинител. Од Обвинителството соопштуваат и тие биле испрашани во својство на подносители на тужба.
Во соопштението на ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО се наведува :
„Испитани се и пријавените Сашо Мијалков тогашен Директор на Управата за безбедност и контраразузнавање и Горан Груевски началник од истата Управа. Испитани се и претставници на Министерството за внатрешни работи и три лица вработени во Управа за безбедност и контраразузнавање – Одделение за оперативно техничка поддршка на операции.“
Од обвинителството соопштуваат дека отвориле предмет и за телефонските разговори од јуни 2011 година меѓу Гордана Јанкуловска, во тоа време министерка за внатрешни работи и Мартин Протугер, шеф на кабинетот на премиерот за наводно отпуштање од работа на многу лица вработени во МВР и од други државни институции поради нивната политичка припадност.
Обвинителството отворило предмет и за останати дела кои се наведуваат во бомбите на опозицијата, меѓу кои се и разговорот меѓу Миле Јанакиески и Никола Тодоров за наводното исклучување на лифтовите во општина Центар на денот на гласањето за изборите во оваа општина, потоа за исплатата на картите за патување со авион за печалбарите кои ќе гласаат, наводното незаконско уривање на објектот Космос, разговорот меѓу Бедредин Ибрахими и Мендух Тачи, наводното малтретирање на осудениот Љубе Бошковски и така натаму.
Првите бомби на опозицијата беа објавени во февруари годинава. Досега се објавени 38 серии на прислушувани разговори. Според политичкиот договор од Пржино, нивната содржина треба да ја истражи специјален обвинител кој треба да биде избран со компромис најдоцна до 15 септември. Опозицијата најави дека останатиот дел од прислушуваните разговори кои не беа објавени ќе му го достави на специјалниот обвинител.
