Претставникот на ОБСЕ за Слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, денес му напиша писмо на министерот за надворешни работи Никола Попоски, во Скопје, и го повикува на брза и транспарентна истрага по неодамнешниот напад на новинар во земјата.

На 28 јуни новинарката Корнелиа Кребс која известувала за мигрантите за австрискиот јавен сервис ОРФ, била физички малтретирана од локален претставник на власта на македонско-грчката граница. Тој се обидел и да и ја одзеде камерата и другата новинарска опрема. Таа го пријавила случајот во полиција.
“Овој напад е целосно неприфатлив, и претставува директна закана за слободата на медиумите”, напиша Мијатовиќ во своето писмо до министерот за надворешни работи. “Истражувачкото новинарство е еден од столбовите на слободата на медиумите и новинарите мора да бидат слободни за да известуваат за прашања од јавен интерес без страв од насилство.”
“Властите треба јавно да ги осудат овие и сите други напади на новинари и медиумски работници, и мора да се обезбеди брза и транспарентна истрага”, изјави Мијатовиќ. “Не смее да постои неказнивост за напади или закани против новинарите.”