Премиерот на Грција Алексис Ципрас изјави пред членовите на централниот орган на СИРИЗА, дека партијата се соочува со “голема дилема” – да “прекине или да продолжи со наметнатиот компромис”, објавија NBC.
Централниот комитет на СИРИЗА одржува вонредна седница во врска со растечката поделба во партијата дали Грција треба да го прифати третиот спасувачки пакет и повеќе строги мерки за штедење.
Ципрас истакна пред комитетот, цитиран од Ројтерс дека без третиот спасувачки пакет Грција ќе мора да ја напушти еврозоната и ќе биде принудена да се врати на драхмата и да бара поддршка од Меѓународниот монетарен фонд.
“Ние ќе продолжиме да се бориме со доверителите за да го одржиме нашиот суверенитет”, појасни уште тој и додаде дека областите како пензиските реформи, земјоделството и енергетиката (важни точки според повеќето членови на СИРИЗА) остануваат отворени за преговори со кредиторите.
Тој појасни дека партијата не може да продолжи да се потпира на поддршка од опозицијата при усвојувањето на реформите и предложи партиски референдум за во недела.
“Не можеме да продолжиме така, треба да постигнеме согласност, за да ја почитуваме одлуката на мнозинството во СИРИЗА”, додаде тој.
Грците и меѓународните кредитори водат преговори за трета спасувачка програма, која е придружена со сериозно намалување на трошоците и длабоки реформи. Во моментов во Атина има делегација од Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, кој го разгледува пакетот.
