Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, ДОМ на Лилјана Поповска, Алијансата за позитивна Македонија i ПДП, со официјално писмо до евроамбасадорот Аиво Орав, амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли, амбасадорот на ОБСЕ Ралф Брет и до белгискиот амбасадор Питер Ван Хоуте, ќе побараат заедно со граѓанскиот сектор да бидат вклучени во преговорите за промена на изборното законодавство.Иницијаторот Павле Трајанов не сака денеска да коментира и најавува дека утре ќе бидат објавени сите детали.

Н.Е. Аиво Орав, шеф на делегацијата на ЕУ во Република Македонија
Н.Е. Џес Л. Бејли, амбасадарот на САД во Република Македонија,
Н.Е. Ралф Брет, амбасадор на мисијата на ОБСЕ во Скопје,
Г-дин Питер Ван Хоуте, експерт
Ние, политичките партии бараме во работата на работната група за усогласување на ставовите за промена на изборното законодавство, да учествуваат и наши претставници, како и да биде вклучен граѓанскиот сектор.
Сведоци сме дека Република Македонија циклично запаѓа во длабоки политички кризи кои имаат негативен одраз врз владеење на правото, основните човекови права и слободи, демократскиот развој, стабилноста на државата, економскиот развој и евро-атланските процеси.
Овие кризи, покрај другото се и поради изборниот модел, односно поделбата на Македонија на 6 изборни единици, со кои се озбезбедува доминација на една политичка партија, која во пракса воспоставува “еднопартиски систем“, суспендирајќи ги законодавната и судската власт, без механизми за контрола и одговорност на извршната власт.
Имено, при воведувањето на постоечкиот изборен модел кој што е на сила од 2002 година, екслузивност да разговараат и одлучуваат, имаа само 4 политички партии (две од македонскиот и две од албанскиот политички кампус). Со оглед на тоа дека и сега се повторува истата состојба, т.е. за усогласувањето на изборното законодавство да решаваат само претставници од 4-те партии, кои сите заедно на последните избори ја имаат подршката од само 55% од целокупното гласачко тело, се плашиме дека Македонија уште повеќе ќе се оддалечи од демократизацијата на државата и општеството и уште повеќе ќе расте недовербата во изборниот процес и систем на Република Македонија.

. Според овие партии на секои избори со постоечкиот изборен модел со шест изборни единици се губат околу 100 илјади гласови освоени од помалите партии.
„Предлагаме распределбата на мандатите за пратеници во Собранието да биде соодветна на процентот на освоените гласови од гласачите, кандидатските листи да бидат отворени, како и да се обезбедат резервирани пратенички мандати за сите заедници врз основа на уставното начело за соодветна и правична застапеност на заедниците во државните органи”, се вели во писмото.
Според лидерите на овие партии, постоечкиот изборен модел овозможува доминацијата на една политичка партија, зајакнување на еднопартискиот систем кој ги суспендира законодавната и судската власт, без механизми за контрола и одговорност на извршната власт.
Писмото е потпишано од Павле Трајанов, ДС, Лилјана Поповска, ДОМ, в.д. претседателот на АПМ Рубин Земон и Мухамед Халили од ПДП.
Лидерите на овие партии ги повикуваат и другите политички партии, граѓански и невладини организации да се приклучат, кон оваа иницијатива која треба да придонесе кон демократизација и вистински плурализам во Македонија.