Утринава околу шест часот наутро, граѓаните на Куманово на социјалните мрежи реагираа за пукотниците кои доаѓаа од правец на Општина Липково, кои престанале еден час подоцна. МВР прво немаше коментар за пукотниците кои се слушаат од правец на селата Слупчане и Ваксинце, па објави дека нема никаква антитерористичка акција на полицијата.

Според Кумановски муабети.мк, и жители на селото Слупчане негираат пукотници и некакви вооружени дејства.
„Уживајте народе, нема ништо од тоа што се шпекулира. Сценарио како во Куманово тука нема да им успее. Срам да им е на МВР“, напиша поранешниот пратеник и учесник во конфликтот во 2001 година, Абедин Зимбери на Фејсбук.
Телевизија Сител, повикувајќи се на извори од порталот Фронт, ја објави веста дека во селата Слупчане и Ваксинце во моментот трае антитерористичка акција.

Според последните информации сепак станува збор само за голема група ловци од земјава и повеќе балкански земји, бидејќи почнува ловната сезона.