Ново задолжување на владата од скоро 2, 2 милиони евра е најавено за денеска. Операцијата ќе се спроведе преку објавување на државни хартии од вредност.

Според објавените проспекти станува збор за еден државен запис со износ од 731 илјади евра со рок на доспевање од една година и две државни обврзници со вкупна вредност од 1,4 милиони евра – пари што ќе треба да се вратат во 2025 година, односно 2030 година.
Веќе во следните две недели на 9 и 16 месецов , според календарот на податоци на министерството за финасии, предвидени се две опарации на раздолжување, според кои државата кон домашните кредитори ќе треба да врати долг од 7,9 милиони евра.
Според последните податоци, заклучно со јуни внатрешниот јавен долг изнесува 1 милијарда 305 милиони евра и има тренд на зголемување. За еден квартал долгот кон домашните кредитори се зголемил за 24,3 милиони евра.
Планот за задолжување од домашните кредитори преку државни обврзници со продолжена рочност за финасирање на буџетски потреби државата го најави во Фискалната стратегија за 2014-2016. „Посебен акцент ќе се стави на продолжување на рочноста на постојаното портфолио на државните хартии од вредност кое се состои од 2,3 и 5 годишни државни обврзници, со издавање на 7 и 10 годишни државни обврзници“, стои во Фискалната стратегија 2014-2016.
Темпото на задолжувањето од домашните кредитори почнува да се зголемува од 2011, година кога нивото на внатрешниот јавен долг изнесуваше нешто повеќе од пола милијарда евра.
Во периодот од март до јуни, јавниот долг на Македонија се зголемил за 10, 8 милиони евра, покажуваат податоците на Министерството за финансии.
При тоа, надворешната задолженост се намалила за 13,5 милиони евра и изнесува 2,61 милијарда евра, а внатрешниот долг се зголемил за 24,3 милиони евра и изнесува 1,30 милијарди евра.
На крајот на јуни, вкупниот јавен долг на Македонија изнесуваше 3,92 милијарди евра или 43,7 % од бруто-домашниот производ.