Од завчерашните обилни врнежи огромни штети претрпеа и земјоделците, оцени денеска ресорниот заменик министер Ванчо Костадиновски по денешната посета на тетовскиот регион.
Според првичните податоци и проценката на жителите, како што рече, уништени се над 200 до 250 хектари земјоделско земјиште, ниви и посеви со целата реколта компири, грав, пченка,…, особено во Голема Речица.
– Состојбата е многу тешка и трагична. Изразувам сочувство до семејствата на жртвите кои навистина претрпеа големи загуби. И земјоделците претрпеа огромни штети, но многу скоро ќе биде извршена реална и објективна проценка на штетите и како што беше владината одлука за ургентна помош од 30.000 денари за оштетените домови, ќе биде определена и помош за првично обесштетување на земјоделците од уништените парцели, како и уништената сточна храна, други посеви, стока,…, изјави Костадиновски.
Во Голема Речица, заменик-министерот посети ниви, ораници и други уништени земјоделски површини на жителите. /МИА
