(ВИДЕО) Велески: Прилепската болница нема реагенси за крвна слика

од desk3
91 прегледи

 

Катастрофата со прилепската болница е дотаму стигната што изминатиот викенд немаше ниту реагенси за испитување на основна крвна слика за пациентите. Замислете, во 21 век, во болницата во Прилеп, со денови не беше направена крвна слика на ниту еден лежечки болен, опериран, или новопримен пациент, изјави денеска Сашо Велески, претседател на ОО СДСМ Прилеп.
– Што ли ќе се случеше, ако беше доведен пациент со тешка повреда, од сообраќајна незгода, или со животнозагрозувачко крварење? Веќе втора година, болницата работи со блокирана сметка, во субстандардни услови, без лекови и потрошни материјали кои доцнат до бесконечност. Болничката аптека е празна. Недостигаат основните хигиенски средства и лекарства. Всушност, секој што дошол да се лекува во прилепската болница, во било кој оддел, со самото отворање на историја, добива и список со се она што самиот треба да си го набави за да се лекува во болницата. Ете ова е прилепското здравство во 21-век! Срамота и гревота – рече Велески.

Тој ги праша премиерот и министерот за здравство во заминување, Никола Груевски и Никола Тодоров, колку за нив вреди здравјето на прилепчани?

– Револтот на граѓаните од Прилеп, Крушево, Долнени и Кривогаштани, односно целиот регион кој го покрива болницата е огромен поради крајно неодговорното однесување на Никола Груевски, за кого здравјето на прилепчани, очигледно, не вреди ништо. Кога се одвојуваат 6 милиони евра за фонтана, за најголемата хуманистка, Мајка Тереза, на која за разлика од власта на Груевски материјалната корист и била непозната, мора да се покаже барем малку грижа и одговорност за здравјето на прилепчани – рече Велески.

СДСМ смета дека здрави граѓани се предуслов за здраво и напредно општество. Оттаму порачуваат дека по април 2016 година, преземаат обврска секој граѓанин да има пристап до неопходната здравствена заштита, како клучно човеково право во секоја нормална, напредна држава.