Лошата страна со изјавата на Ван Хул е што за подобрување на профитабилноста на оваа фирма, владата од наши пари издвоила 17 милиони евра, излегува дека ние како фирми и граѓани можеме да тонеме и при тоа да продолжуваме да издвојуваме пари со кои им овозможуваме други да се извлекуваат од кал. Многу негативен ефект. После вакви изјави, истите поволности дури и подобри би ги барале идните странски инвеститори и ќе влеземе во негативна за нас спирала, вели во интервју за Фактор, Венко Глигоров, претседател на Комисијата за економија и финансии при Либералната партија на Македонија и поранешен претседател на Сојузот на стомански комори на Македонија.

– Време е романтичарската фаза на владата со одушевеност од странските инвестиции да пројде и третманот кон странските инвестиции да биде избалансиран и во корист на домашните инвестиции. Симбиозата на странските и домашните бизниси и соработка може да биде многу покорисна за македонската економија. Сепак, лично не верувам дека оваа власт ќе го намали моделот и темпото на “привлекување инвестиции” ниту ќе прави балансирање и ќе создава услови за симбиоза на странските и домашните бизниси – вели во интервју за Фактор, Венко Глигоров.
Тој објаснува дека е добро што оваа влада почна поактивно да работи на привлекување на странски инвестиции, но не е добро тоа што во Македонија се отиде во друга крајност: привлекувањето на странските инвеститори се сведе речиси на единствената крупна опција на власта за економски развој на земјата.
– Тоа секако не е добро за развојот на државата бидејќи како што странските инвестиции прават зголемување на БДП така индиректно влијаат на неговотo намалување. Како е можно странските инвестиции да бидат со негативно влијание?
Прво, што ако си заминат од Македонија и отидат на друго место кадешто има подобри услови. Или владата биде приморана да ги намали субвенциите? Друго, странските инвеститори во технолошките зони најчесто се големи увозници на репроматеријали и суровини со што влијаат на зголемување на увозот, а увозот го намалува БДП. Исто така, ако домашните компании немаат соодветен третман, домашните производи не се конкурентни ни на домашниот пазар, а уште помалку на странските пазари. И со тоа во иднина се намалува извозот на овие производи, а недостатокот од доволен квалитет се заменува со зголемен увоз – вели Глигоров./ФАКТОР