Странските инвеститори одлеале надвор од земјата 81,2 милиони евра како дивидени во првите пет месеци од годинава, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Економистите за капитал.мк коментираат дека извлекувањето на добивките надвор од земјава всушност покажува дека странските инвеститори немаат економски интерес да ги шират бизнисот овде, без оглед на сите даночни олеснувања што им ги нуди државата.

Поради зголемените одливи на девизи, Народната банка морало да интервенира на пазарот од девизните резерви за да ја надомести зголемената побарувачка на пазарот и да не го наруши курсот на денарот.
„Зголемената побарувачка за девизи од страна на приватниот сектор во овој период се должи и на исплатата на дивиденди кон странските инвеститори. Повисоката потреба за девизи покрај од сопствените средства на банките, беше надоместена и од Народната банка, која интервенираше со продажба на девизи на банките-поддржувачи“, пишува во последното соопштение на Комитетот за оперативна монетарна политика.
Поради тоа, девизните резерви се намалија повеќе отколку што очекуваше Народната банка во своите априлски проекции. Во првите седум месеци салдото на девизни резерви е помало за 238 милиони евра и заклучно со јули тие изнесуваат 2,198 милијарди евра.
Извор: Капитал