По најавата дека поранешниот директор на царината и инспекциските служби заминува во дипломатија преставниците на Сидикатот на македонската дипломатија изразија загриженост и како што велат крајно се шокирани од одлуката поранешниот директор на Царина, Ванчо Каргов да извршува дипломатска функција.

Претседателот на Синдикатот на македонската дипломатска служба Сашко Тодоровски вели дека Законот за надворешни работи предвидува преземање на експерти во дипломатската мрежа, меѓутоа не е јасно зошто е потребен царински експерт. Но, според него најмногу загрижува фактот што Каргов беше осуден на три месеци условна затворска казна, која нема да се изврши доколку тој не стори прекршок во рок од година ипол. Не само што тој условен период се уште трае, вели Тодоровски, туку Каргов не ги исполнува условите за безбедносен сертификат без кој не може да биде упатен во дипломатско конзуларно претставништво.
Така што има број на дилеми и очигледни контроверзи од законски аспект и автоматски денеска упатуваме и жалба до раководството со барање, ако Каргов е се уште во земјата веднаш да се запре постапката додека не се утврди дали се исполнети сите законски услови. Доколку тој заминал да се прекине постапката за негово евентуално пријавување во земјата на прием, затоа што тоа може крајно да не дискредитира и како земја и како служба“, вели Тодоровски.
Според Тодоровски, во овој случај се користи дипломатската служба за справување со непожелните кадри.
Човек со правосилна затворска пресуда како може било кому па дури и на оваа власт да и конвенира мене дефинитивно не ми е јасно и оттука би рекол дека повеќе се работи на користење на дипломатската мрежа за да се оддалечат определени непожелни кадри“.
Тодоровски порачува дека прашањето ќе го постават и пред членството на синдикатот. Каргов беше осуден за злоупотреба на службената должност.