Граѓанската асоцијација МОСТ како набљудувач во изборниот процес, смета дека преговорите за реформа на истиот мора да ги земат предвид меѓународните стандарди и компаративните искуства за изборите. Токму во таа насока МОСТ, денес одржа прес конференција на која го промовираше документот „Препораки за реформа на изборниот процес.“
Документот е подготвен врз база на 13-годишното искуство на МОСТ во набљудување на изборните процеси во РМ и во странство – како дел од набљудувачки мисии на ОБСЕ/ОДИХР и ЕНЕМО, како и преку градење на капацитетите на граѓанските организации за домашно набљудување на избори. Документот е поделен на поглавја кои ја следат хронологијата на изборниот процес. Секое од поглавјата дава кус опис на сегашните законски одредби за таа област, хронологија и анализа на нивното спроведување, како и препораки, можни решенија и алтернативи за идентификуваните предизвици и проблеми. Препораките се подготвени имајќи ги предвид меѓународните стандарди и компаративните искуства за изборите.
На прес конференцијата, Извршниот директор на МОСТ, г-динот Дарко Алексов истакна: „Препораките кои ги содржи овој документ се однесуваат само на најважните аспекти од изборниот процес, како што се изборниот систем, гласањето во странство, Државната изборна комисија, Избирачкиот список, изборната кампања и нејзиното финансирање и заштитата на избирачкото право. Тие не претставуваат замена за препораките кои се содржани во извештаите на МОСТ за досегашните избори, туку треба да се читаат комплементарно со нив. Дел од нив се предмет на преговорите помеѓу политичките партии, а дел од нив претставуваат долгогодишни заложби на МОСТ за кои политичките партии треба да постигнат консензус.”
МОСТ се надева дека овој документ ќе ги поттикне и останатите чинители во изборниот процес да ги изнесат своите идеи за реформа во една поширока дебата, како и дека ќе им служи на политичките партии како ресурс во поставувањето на основи за изборен процес со висок степен на доверба. Сепак, мора да се истакне дека не постојат совршени решенија кои може да се применуваат во сите држави и затоа при дизајнирањето на идните решенија мора да се имаат предвид спецификите на Република Македонија како држава и нејзиниот политички систем, минатите искуства, потребите на граѓаните, како и политичката култура.
МОСТ, исто така, се надева дека конечно ќе започне да се гради одржлив систем кој ќе биде во интерес на институциите, процесите и граѓаните. Како и досега, МОСТ им стои на располагање на сите учесници во овој процес за понатамошни анализи и дебати за сите прашања поврзани со изборите.
ПРЕПОРАКИ ЗА РЕФОРМА НА ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

