Макпетрол алармира- сè ќе запре…

од desk3
136 прегледи

Опасноста од енергетска криза се посилно тропа на портите на Македонија. Заради блокадата на сметките на Макпетрол, компанијата е оневозможена да продолжи со секојдневната испорака на нафта и нафтени деривати до нејзините клиенти- информира Телма.

makpetrol

Макпетрол веќе ја информирал ЕЛЕМ дека ќе запре испораката на мазут, кој се користи како енергенс во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Исто такво известување е пратено и до ЈСП и до градежната компанија Гранит, кои се едни од поголемите потрошувачи на нафта. Во текот на денот раководството на Макпетрол за новонастанатата ситуација ќе ги информира и Регулаторната комисија за енергетика, Министерството за економија и Агенцијата за енергетика. Во исто време, концесионерот на аеродромите во Скопје и во Охрид, ТАВ и Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба се информирани дека во наредните 2-3 дена залихите на керозин ќе се потрошат и ќе биде оневозможено полнење на авионите со млазно гориво.

До ова дојде откако утринава ОКТА, најголемиот снабдувач со нафта и нафтени деривати во земјава, најави дека ќе прекине со снабдување на Макпетрол, се додека не биде нормализирана состојбата со банкарската сметка на компанијата. Од ОКТА информираат дека до сега немале никакви проблеми со Макпетрол во однос на наплатата и дека не станува збор за раскинување на договорот туку само привремено суспендирање на снабдувањето.

– Со оглед на широката малопродажна мрежа на компанијата, како и нејзиното снабдување со нафтени деривати на аеродромите, големите индустриски капацитети, болници и училишта, веројатно е дека нафтениот пазар во земјата ќе биде значително нарушен, доколку оваа необјаснива мерка трае долго. Одлуката да се блокира сметката на компанијата е против самата компанија, нејзините вработени, нејзините акционери, нејзините клиенти, нејзините добавувачи, државниот Буџет и против сигурноста на снабдувањето на пазарот со нафтени деривати, велат од ОКТА.

Ова, меѓу другото, значи и дека за неколку дена на бензинските станици на Макпетрол, кои сочинуваат 60 отсто од пазарот, нема да има гориво, со што ќе се доведе во прашање нормалното одвивање на транспортот на стока и патници во земјата.

Извор: Телма