Понатамошна демократизација е можна само со воспоставување на Македонија како една изборна единица по пропорционален модел и воведување на систем на отворени листи, сугерираат помалите партии- пишува DW.
Разговорите на работната група, кои според партиски извори, бележат напредок и приближување во ставовите околу избирачкиот список, од денеска се очекува да влезат во фаза на решавање и на други важни изборни прашања. Партиски субјекти кои не се дел од „големата четворка“ и голем број граѓански организации во изминатите два месеца јавно го искажуваа барањето дека на преговарачката маса треба да биде ставен и предлогот – Македонија да биде една изборна единица.
Причина за тоа е што со постојниот изборен модел со шест изборни единици и со распределбата на мандатите според Д’онтовата формула, на секој изборен циклус практично се губат околу 100 илјади гласови дадени за помалите партии.
Против автократски тенденции
Ваквиот модел со кој малите партии губат, а големите добиваат, повторно ги седна на иста маса партиските субјекти кои се залагаат за промени.
„Понатамошна демократизација е можна само со воспоставување на Македонија како една изборна единица по пропорционален модел, воведување на систем на отворени листи и прифаќање независни листи со собрани 1.000 потписи вкупно од сите изборни единици, наместо 1.000 од секоја изборна единица“. Ова се заклучоците што ги усвоија учесниците на вчерашната трибина „Дали понатамошната демократизација на Македонија е можна без промена на изборниот модел“, организирана од Алијансата за позитивна Македонија, Демократска обнова на Македонија, Демократскиот сојуз и Партијата за демократски просперитет – ПДП, на која учествуваа и претставници од левичарско движење „Солидарност“ и „Ленка“.
„Сметаме дека на овој начин ќе се овозможи поголемо политичко разногласие, со многу повеќе конструктивни политички идеи, а воедно ќе значи и намалување на ризикот од воспоставување на автократски тенденции“, соопштија учесниците на трибината.
Воведувањето на системот на отворени листи, за кои се залагаат малите партии, според експертите, ќе овозможи поголемо ниво на вклученост и заинтересираност на граѓаните за изборите, позитивно ќе влијае врз зајакнувањето на внатрепартиската демократија и за намалувањето на степенот на централизираност во политичките партии.
Граѓанската асцоцијација „Мост“ на нивната веб-страница ги објаснува предностите од воведувањето на системот на отворени листи: „Ќе им овозможи на граѓаните да изберат точно за кој/и кандидат/и сакаат да гласаат, што ќе ги зголеми легитимитетот и одговорноста на избраните претставници; ќе го зголеми нивото на внатрепартиска демократија што ќе доведе до поголемо влијание на локалните ограноци на партиите врз централата; ќе го зголеми квалитетот на предложените кандидати и соодветно, нивните кампањи; ќе воведе систем на заслуги при креирањето на листите, со што ќе се намалат шансите за кандидирање на слаби кандидати, партиски послушници итн“.
Повеќе ТУКА
