Груевски не сака отворени листи и една изборна едница: ВМРО-ДПМНЕ е за класичен мнозински систем на гласање

од desk3
119 прегледи

 

ВМРО-ДПМНЕ се залага за воведување класичен мнозински систем на гласање, бидејќи тогаш до израз доаѓа и личноста на пратеникот, не само партиската припадност, изјави денеска во Маврово премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Nikola-Gruevski1

– Веќе долги години во Македонија имаме пропорционален систем со шест изборни единици. Од она што можам да го забележам тоа не прави никакви проблеми и системот е прилично добар. Ако веќе разговараме за промена на системот и ако сакаме да имаме некоја додадена вредност од оваа промена на системот, мислам дека воведувањето на мнозински систем на гласање е систем којшто може да биде нова додадена вредност. Ако се оди на промена, тогаш ставот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде да се воведе класичен мнозински систем. Тогаш до израз доаѓа и личноста на пратеникот, не само партиската припадност, туку и личноста на секој пратеник и сите други предности коишто ги носи овој систем коишто и многу аналитичари во државата го предлагаат, рече премиерот Груевски на новинарско прашање за коментар за предлогот на Заев за пропорционален изборен модел, односно Македонија да биде една изборна единица заедно со дијаспората.

Во однос на дијаспората тој нагласи дека клучно е таа да продолжи да има барем најмалку по еден пратеник од трите изборни единици.

– Не е поентата само тие да гласаат и нивните гласови да се разлеат во многуте гласови во Македонија и тие да немаат свој пратеник. Не е само прашањето дали ќе го задржат правото на глас, туку дали ќе имаат свој пратеник преку којшто ќе ги искажуваат своите ставови, предлози и проблеми. Тоа не смее да им се одземе. И ВМРО-ДПМНЕ ќе го застапува тој став и ќе се бориме тоа да остане. Одземањето на пратениците коишто ги делегира дијаспората преку политичките партии во Македонија е скратување на врските со дијаспората и е праќање на лош сигнал кон дијаспората која што многу и помага на Македонија во секој поглед, изјави премиерот Груевски.

Во однос на идејата на Обединетата македонска дијаспора за електронско регистрирање на сите гласачи во Македонија преку отисок рече дека е прифатлива, не само за овие туку и за сите следни избори.

– Ние немаме проблем со предложената регистрација за гласање со отисок, напротив сме за. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е да има регистрација на изборите со електронски отисок на секој гласач не само пред овие избори, туку пред секои наредни. Да има електронски отисок на секој гласач при регистрацијата и при гласањето за да не може утре некој нас да не обвинува дека илјади гласови сме украле, 150 илјади гласови биле фантомски…, рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на дебарско-реканскиот крај.

/МИА