Читањето на соопштенијата на МАНУ и изјавите на нејзините вајни членови изискува големи напори да се отстрани чувството на физичко гадење од раскошните дози демагогија, хипокризија и препредена политичка перверзија под превез на позерска загриженост. Секој приод од секој агол кон ставовите на овој вигвам-храм на преплатени и преплашени шамани на државна-интелектуала води кон единствен заклучок – носевите на снобовите на незаслужената академика насетуваат дека се приближува часот за промени без измени.

Шаманите од вечниот академски вигвам при владејачко-партијската палата се очигледно потресени од фактот што реалноста не ги есапи нивните високо-академски и плитко-умни сплеткарења. Со кои сесрдно допринесоа кон “загрозата на државата” врз која сега лијат позерски солзи и препредено се обидуваат да ја продолжата праксата на академско свештенство во служба на државата, т.е. оној кој плаќа за се што пијат и јадат.
Квалитетот на визијата на шаманите од МАНУ доволно се отсликува низ бирократскиот вокабулар карактеристичен за соц-реалистичките етно-партијски бирократи, наследство од сродството во колк со Мајка-САНУ од 80-тите. Доба во кое добар дел од цитираните шамани и шаманки се издигнаа врз криљата на шовинизмот и омразата. Кое сега се обидуваат да ја вратат на мала врата преку принципиелно демократски шарени панделки со иста содржина како и порано. Демек, они ја надминале фазата на таму некакви поделби (кои самите сесрдно ги хранеа и ширеа) па сега – во самракот на својот полтронски поминат живот – сакале да ја спасат државата. Иако со своето поведение јсамите дадоа сесреден допринос кон уништување на земјата и нејзината иднина. Да беше поинаку, да се грижеа троа повеќе за земјата на “луѓето” која сакаа да ја поделат, денеска помалку би се потресувале за агонијата на државата. Наместо интелектуални храбри исчекори во навремени предупредувања достојни за великодостојници на научната мисла, шаманите од вигвамот тивко и бесчујно се оддале на изучување и усовршување на пазарната вредност на академското титуларство, во согласност со тоалетните им провинцијски спонзори. Но, онака, шшшшуш, да не дознаат патриотите!
Полтрон шаманите кои доскора се редеа пред Груевски како шипарици од провинција при избор на мис-Хармоника, националистички провокатори кои и ден денеска се гордеат со својата wikipedia наука на државно спонзориран шовинизам и расизам, декорни титулар-елементи на кој-и-да-е-на-власт со pre-paid хонорари на нивна и post-paid цехови на туѓа сметка – дрско и цинично под превезот на загриженост подметнуваат уште едно кукавичко јајце на дволичност. Снисходливо избегнувајќи да згазнат на прстето на сегашниот им М-р Вожд, но воедно весело-понудно вртејќи со опаш кон новиот Наполеон. Поведение кое потврдува дека лустрацијата е ваистину завршена и дека на оваа влада (но не и и на истата власт) и доаѓа крај. Па како што доликува на традицијата – време е за ново вртење на капата, од досегашната кокарда шајкача во пионирска титовница.
П.С.
Да не заборавам. Вашиот проект “од највисок национален интерес” наречен ДУИ во власт по секоја цена, е клучниот елемент кој го побива вашиот искрен интерес за иднината на земјата.
Арсим Зеколи
фејсбук статус