Гарет за Дојче веле: Успехот треба да дојде од самата Македонија

од Vladimir Zorba
79 прегледи

Граѓаните може да помогнат да се исполнат препораките од Прибе со тоа што ќе бараат повисоки стандарди од сите политичари, министерства и други институции. Тоа е нивно право и нивна должност. Меѓународната заедница секако ќе продолжи да и помага на Македонија во спроведувањето на промените. Но, успехот може да дојде само одвнатре, од самата Македонија, вели во интервју за Дојче веле, британскиот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет.

гарет

Според него, извештајот на Прибе и дава на Македонија уникатна можност.

– Тој, како и итните реформски приоритети кои ги истакна Комисијата, многу јасно укажуваат кои се проблемите со владеењето на правото и судството, изборната реформа, јавната администрација, функционирањето на Парламентот, вклучително и надзорот над разузнавачките служби, слободата на изразување и медиумите. И јасно истакнуваат препораки за решавање на овие проблеми. Извештајот на Прибе е прецизен, искрен и отворен. Не можам да се сетам на ниту една земја во транзиција која добила таква корисна оценка. Одговорноста лежи кај Македонија, да го искористи извештајот на Прибе за да ја придвижи земјата кон подобро – вели Гарет.

Британскиот амбасадор смета дека сите треба да ја одиграат својата улога: Владата преку целосно консултирање, предлагање и спроведување на реформите, опозицијата во преиспитување на новите законски решенија во Парламентот, политичките партии преку почитувањето на законот за време на изборната кампања, институциите како судството и разузнавачките служби кои треба да ги спроведат реформите, медиумите преку балансираното известување, и уште многу други работи.

– Најмногу од се, можеби граѓаните на Македонија имаат должност да бараат отчетност од овие политичари и институции. Не треба никогаш да заборавиме дека политичарите и сите овие институции се таму кај што се за да им служат на граѓаните. Како и во многу други земји, тие понекогаш се однесуваат како да се таму за да си служат себеси – додава тој во интервјуто за Дојче веле.